Серија А по теркот на НБА?!

Пандемијата на коронавирусот се уште трае, на италијанските стадиони и понатаму нема навивачи. Јасно е дека Италија е една од земјите која имаше најголем број на смртни исходи од вирусот, стравот и понатаму владее, а ниту фудбалските клубови не се имуни. Џенова во еден момент имаше преку десет позитивни случаи, Милан беше приморан скоро од почетокот на сезоната да игра без Ибрахимовиќ. Вистинска експлозија во медиумите предизвика одлуката на Де Лаурентис, кој поради два позитивни случаи во својот тим го откажа гостувањето кај шампионот Јувентус. „Старата дама“ сепак тогаш излезе на терен, а се уште не се познати какви санкции ќе претрпи Наполи, кој според протоколот мораше да се појави на натпреварот. Сега следи голем проблем и за Интер, „нероазурите“ веќе сега имаат шест позитивни случаи, а ги чека дербито против Милан по паузата за репрезентативни натпревари. Тренерот на Сасуоло, Де Зерби, излезе со идеја да се предложи сезоната да продолжи во НБА стил. „Ако сакаме да ја продолжиме сезоната, единствено што ни останува е да се затвориме како и НБА. Фудбалерите и работниците мораат да се пазат, многу од нас имаат деца кои одат на училиште. Кога доаѓам дома ги бакнувам моите две деца, имаат 15 и 17 години, излегуваат надвор и не можете да знаете што тие прават.“ – вели Де Зерби. Серија А, но и останатите натпреварувања се пред голем испит. Во текот на неделата се појави информација дека се размислува за враќање на 500 навивачи на стадионите ширум Италија, но останува да видиме колку тоа е изводливо.