Лазаров: Ќе уживаме, нема што да загубиме против Данска!

Македонската ракометна репрезентација в петок ќе го започне настапот на Европското првенство и тоа со дуел против домаќинот Данска, селекција која, според селекторот Кирил Лазаров, е најдобра во светот во последната деценија.

„Го играме првиот натпревар против најдобрата екипа во светот во последните десет години, Данска и возбудени сме што ќе играме против нив. Тие се домаќини, тоа ќе биде многу тешко за нас, но немаме што да изгубиме на овој натпревар и ќе се обидеме да уживаме во мечот. Им зборував на моите млади играчи дека ќе биде ново искуство да се игра во земја која го сака ракометот. Во други земји фудбалот е најпопуларен спорт, но тука во Данска ракометот е на прво место. Тоа е големо искуство за сите.

Задоволен сум од тимот, од играчите. Мора да знаеме дека секогаш можеме подобро, но имаме време да ги направиме некои работи за кои знаеме дека се добри и имаме уште два дена за да го започнеме Европското првенство добро подготвени“, објаснува македонската легенда. Најважно за нас е што ја менуваме генерацијата чекор по чекор, а тоа е многу тежок процес. Подобри селекции од нас имаат проблеми со смената на генерација. Ние сме мала земја и мора да бидеме трпеливи и да одиме чекор по чекор. Во последните две години сум многу задоволен од ова“, коментира македонскиот предводник.

Лазаров потенцираше дека напредокот е видлив, но дека за вистински резултат е потребен континуитет.

„Веќе подобривме многу работи и тоа го покажавме во последните две години дека можеме да одиграме еден добар натпревар. Но за да имаме континуитет мора да покажеме во иднина не само еден натпревар, туку ако играш Европско или Светско првенство, мораш секој втор ден да бидеш добар“, заврши селекторот.

Македонија е во група во која уште се и Португалија и Романија, а пласман во следната фаза ќе обезбедат само двете најдобри селекции од групата.