Лукас Васкез летово заминува од Мадрид

Лукас Васкез ќе го напушти Реал Мадрид на крајот од сезоната – клубот нема намера да понуди нов договор за 33-годишниот фудбалер, јавуваат шпанските медиуми.

„Кралевите“ се подготвуваат за нов циклус и големи промени во тимот, а Васкез не е дел од плановите. Освен една позајмица во Еспањол во 2014/15, тој целата кариера ја мина на „Сантијаго Бернабеу“, каде што израсна преку младинските категории и вториот тим.

Од 2015 година е дел од првиот состав и има одиграно 397 натпревари, со 38 голови и 73 асистенции. Во богатата кариера освои дури 15 трофеи – пет пати ја крена Лигата на шампионите, четири пати Ла Лига, а во колекцијата ги има и сите останати важни титули на клупско ниво.

Реал ќе се прости со уште еден долгогодишен војник, а Васкез ќе биде слободен да ја избере следната дестинација.