Манчестер Јунајтед го претстави домашниот дрес за следната сезона

Манчестер Јунајтед го претстави новиот домашен дрес за сезоната 2025/26, со свеж дизајн кој се потпира на богата традиција. Во соработка со „Adidas“, дресот е инспириран од легендарниот Олд Трафорд – симболично наречен „Театарот на Соништата“.
Новиот дрес се одликува со апстрактен дизајн на ракавите во различни нијанси на црвено, кои ги претставуваат теренот, тунелот и трибините на стадионот. Основната боја е длабоко црвена, дополнета со чиста црно-бела јака во V-форма. Трите црни линии по рамената – препознатлив белег на „Adidas“ – му даваат дополнителна динамика, додека белите логоа на производителот и спонзорите создаваат остар контраст. На задниот дел од јаката е извезено „Theatre of Dreams“ како почит кон историјата и духот на клубот.
Претставувањето на дресот доаѓа по тешка сезона за клубот, во која Манчестер Јунајтед заврши на 15. место во Премиер Лигата и остана без европски настапи. Во ваков контекст, новата опрема претставува симболичен обид за нов почеток и повторно поврзување со навивачите преку комбинација од традиција и современа технологија.