Матеус верува во пресврт на Баерн во Милано

Лотар Матеус верува дека Баерн Минхен и покрај поразот од Интер (1-2) на првиот натпревар сепак ќе продолжи понатаму.
„Цврсто верувам дека Баерн оди понатаму! Вистина е дека „Сан Сиро“ има посебна моќ, но кога се работи за Баерн, играњето на противничкиот стадион, пред противнички навивачи, секогаш носи посебна мотивација“, изјави Матеус.
Тој смета дека Интер не може двапати да се „провлече“.
„Дури и минатата недела во Минхен можеше да се види дека Баерн е подобар тим. Единствениот проблем е, како и против Дортмунд, што не успеваат да ги искористат шансите. Ако успеат, Баерн ќе успее да ја анулира негативата од еден гол. На првиот натпревар решија ситници. Хари Кејн ја погоди стативата, не му оди најдобро во последно време, но не верувам дека е во криза. Знае тој што треба да направи за да постигне гол“.
На крајот, Матеус изјави дека резултатот од натпреварот на стадионот „Џузепе Меаца“ ќе биде 3:1 за Баерн.