ПАОК го сака Жељко Обрадовиќ на клупата

Новиот сопственик на ПАОК, грчкиот милијардер Аристотелис Мистакидис, ја отвора најамбициозната ера во модерната историја на клубот.

Со инвестиција од 12 милиони евра и јасен план за враќање на славата, тој сака Солун повторно да стане центар на европската кошарка, и тоа под водство на легендарниот тренер Жељко Обрадовиќ.

Обрадовиќ кој неодамна си замина од српски Партизан, и покрај негодувањата на фановите и на српската спортска јавноста, се чини дека влегува во нова етапа од кариерата.

Бизнисменот Мистакидис, кој поседува 60,8 % од акциите на ПАОК, започна сериозна реконструкција на клубот, од управата и инфраструктурата до создавање тим способен за настап во Евролигата. Тој веќе го зголеми акционерскиот капитал со највисока поединечна инвестиција во историјата на клубот.

Желбата на Мистакидис е Обрадовиќ да седне на клупата на ПАОК, потег што грчките медиуми го опишуваат како „сон што може да го промени лицето на грчката кошарка“.