Празно реми на Тиквеш и Работнички во Кавадарци

Тиквеш и Работнички ремизираа без голови во единствениот натпревар од денешната програма во ПМФЛ. Кавадаречкиот состав имаше поголем посед на топката, но Работнички ги имаше колосалните шанси за да стигне до триумф.
Тиквеш имаше иницијативата од стартот, бараше решение како да го загрози голот на Васко Василев, но првата шанса ја имаше Работнички во 30.минута.
Далеј изведе слободен удар, нафрли директно кон голот, а голманот Стевковски со одлична интервенција спаси во последен момент.
Две минути подоцна возврати Вареловски со удар од 15 метри, но Василев беше добро поставен и одбрани.
Пред крајот на првиот дел, во 43.минута, уште една шанса за гостите. Калани нафрли од левата страна, Дашмир Елези се обиде со волеј удар, но шутираше над голот.
Во второто полувреме речиси идентична поставеност. Тиквеш офанзивен, со желба да постигне погодок, а Работнички добро организиран во одбраната и опасен од противнапади.
Иван Ивановски доби шанса од почетокот на второто полувреме, создаде неколку добри шанси, но повторно без ефект за Тиквеш.
Работнички имаше колосална шанса за триумф во финишот. Јован Бошнаков во 84.минута по еден противнапад излезе сам пред Стевковски, но голманот на Тиквеш одлично интервенираше и спаси сигурен гол.