Проблем за Еурофарм Пелистер, голманот Хаидарирад ја обнови повредата

Ракометарите на Еурофарм Пелистер во средата во Битола беа подобри од хрватскиот шампион Загреб, во возбудлив натпревар кој беше запечатен со погодок на голманот на пелистерци, Саид Хаидарирад.

Искусниот чувар на мрежата од Иран се покажа во одлично светло на своето деби во дрес на Пелистер во ракометната елита, но за жал повторно се повреди и ќе биде надвор од комбинација на тренерот Гарабаја.

Хаидарирад ја обнови повредата со која се здоби на турнирот во Охрид. Се работи за парцијална руптура на задната ложа и најмалку еден месец ќе биде надвор од терените.

Хаидарирад во Битола пристигна летово од редовите на Партизан, а претходно седум години го носеше дресот на Динамо Букурешт.