Халанд продолжува да руши рекорди, најбрз до 50 голови во Лигата на Шампионите

Ерлинг Халанд испиша историја во Лигата на Шампионите, станувајќи најбрзиот фудбалер што постигнал 50 голови во елитното европско натпреварување. Напаѓачот на Манчестер Сити до оваа бројка стигна за само 49 натпревари, надминувајќи го претходниот рекорд на Руд ван Нистелрој, кој му требаа 62 дуели.
Јубилејниот гол Халанд го постигна со удар со глава во победата од 2-0 против Наполи, уште една демонстрација на неговата моќ, прецизност и чувство за простор. Досега има постигнато 27 голови за Манчестер Сити, 15 за Борусија Дортмунд и 8 за РБ Салцбург.
Иако најчесто погодува со левата нога, Халанд е подеднакво опасен и со десната, како и во играта со глава, доказ за неговата комплетна офанзивна моќ. Со просек од повеќе од еден гол по натпревар, тој се наоѓа во друштвото на најголемите голгетери во историјата на Лигата.
За споредба, Лионел Меси до 50 голови стигна по 66 натпревари, а Кристијано Роналдо по 91. Со ваква ефикасност, Халанд веќе се гледа како сериозен кандидат да го надмине и вечниот рекорд на Роналдо, ако успее да остане здрав и во форма.
Освен во Лигата на Шампионите, Халанд продолжува да блеска и во Премиер Лигата, како и за норвешката репрезентација, градејќи имиџ на еден од најопасните напаѓачи во светскиот фудбал. Секој нов гол го приближува кон статусот на неоспорна фудбалска легенда.