Јанта волеј е нов шампион на Македонија во женска одбојка

ЖОК Јанта Волеј Кисела Вода е нов одбојкарски шампион на Македонија во женска конкуренција откако го совлада Работнички со 3-1 (14-25, 25-23, 25-19, 25-22) и дојде до третиот триумф во финалната серија.

Работнички Скопје тргна сигурно во салата „Независна Македонија“, имаше константна контрола над играта во првиот сет и со 14-25 поведе со 0-1. Но, во продолжението домашните одбојкарки го надминаа почетниот грч во играта и ги превземаа работите во свои раце.

Бранителот на титулата водеше со 3-8, 4-10 и 6-12 кога се случи „будење“ во тимот на Јанта и со серија од 5-0 прво се доближи на 11-12, а потоа се избори и за комплетен пресврт, 20-16, односно 22-20 и користејќи ја втората сет-топка, со 25-23 изедначи на 1-1.

Во третиот сет егал играта траеше до 8-8, по што Јанта Волеј со нова серија поведе со 15-8 и со сигурни 25-19 се избори за пресврт од 2-1.

Голема борба се водеше во четвртиот сет. Јанта Волеј создаваше предност од два-три поени, но Работнички Скопје секогаш наоѓаше начин како да се врати во игра.

Во овој период од играта гледавме убави, долги поени, во квалитетна игра како во полето, така и на мрежата. Гостинките се обидуваа да се изборат за петти сет и да останат во игра за титулата, но Јанта Волеј ја искористи првата сет и меч топка, за 25-22 и конечни 3-1.

Новиот шампион го предводеа Мери Бошковска со 19 поени, Ива Стојковска со 12, како и Валерија Собол со 11 поени, додека во редовите на Работнички Скопје, Стакхаус и Дикова освоија по 13 поени, додека капитенката Баталаковска имаше 11 поени.

Ова за Јанта Волеј беше четврта шампионска титула во клупската историја.