Ван Нистелрој не е повеќе менаџер на Лестер Сити

Англискиот фудбалскиот клуб Лестер и холандскиот тренер Руд ван Нистелрој денес заемно се договорија да стават крај на соработката.

„Руд мина во клубот низ период исполнет со предизвици. Од неговото назначување во ноември 2024 година, тој пристапи кон улогата со професионализам, интегритет и јасна посветеност кон нашите цели, вклучително и интеграцијата на неколку талентирани играчи од клупската академија во нашиот прв тим. Руд продолжува натаму со својата кариера, со почит и благодарност од сите во клубот за неговата посветеност и напорна работа, и со наши најдобри желби за иднината“, се вели во соопштението на Лестер.

Пред да дојде во Лестер, Ван Нистелрој беше помошник тренер на Ерик тен Хаг во Манчестер Јунајтед. Откако Тен Хаг беше отпуштен, поранешниот легендарен напаѓач на Јунајтед, Ван Нистелрој, стана вршител на должноста тренер до доаѓањето на Рубен Аморим, по што го напушти клубот.

Холандскиот стратег го предводеше Лестер на вкупно 31 натпревари, во кои забележа осум победи, четири нерешени резултати и 19 порази.

Лестер испадна од Премиер лигата во сезоната 2024/25 и следната сезона ќе игра во англискиот Чемпионшип.