Вардар – Пелистер ќе играа во петок, првото коло развлечено во четири дена

Како што беше најавено новата сезона во Првата македонска фудбалска лига донесе неколку новитети. Со воведувањето на ВАР системот ќе биде направен и посебен распоред за одигрување на натпреварите. Па така првенството ќе започне в петок, на осми август, а овој ден навивачите ќе имаат можност да проследат два дерби натпревари.

Стартот на шампионатот ќе го означат шампионот Шкендија и Шкупи, кои ќе се сретнат во Тетово во терминот од 17:00 часот, а три часа подоцна силите ќе ги одмерат вечните македонски ривали, Вардар и Пелистер. Навивачите оваа средба ќе може да ја проследат на Арената „Тодор Проески“, и тоа под рефлектори, во вечерниот термин од 20:00 часот.

На 9 август на програмата ќе имаме два меча (Башкими – Арсими и Струга Трим Лум – Македонија ЃП), а ден подоцна во Кавадарци ќе го проследиме дуелот меѓу Тиквеш и Работнички. Првото коло во ПМФЛ ќе се комплетира со мечот помеѓу Силекс и Брера Струмица, кој ќе се одигра в понеделник, 11 август, на стадионот во Кратово. Така за прв пат во фудбалскиот шампионат едно коло од ПМФЛ ќе се игра во четири дена, односно од петок до понеделник (8-11.август).