Реми во борбениот дуел на Башкими и Арсими во Куманово

Немаше победник во пресметката помеѓу двете екипи кои дебитираат во Првата лига, на натпреварот кој се одигра во Куманово помеѓу Башкими и Арсими.
Првпат во македонското фудбалско првенство се користеше ВАР-технологијата, а првата измена на судиската одлука беше забележана токму на овој дуел.
Главниот судија на мечот досуди пенал за гостинскиот тим, но по прегледувањето на ситуацијата во ВАР-центарот беше утврдено дека прекршокот е направен надвор од шеснаесетникот. Одлуката беше променета и Арсими доби слободен удар.
Интересно е што веднаш потоа дојде и првиот гол на Арсими во Првата лига, откако од слободниот удар прецизен беше Армин Бесагиќ, кој го доведе гостинскиот тим во водство.
Башкими заигра поангажирано во продолжението и преку Марко Симоновски го постигна првиот гол во Првата лига, со кој стигна до нерешен резултат и до првиот бод во новата сезона на Првата лига.