Рутинска победа на Струга Трим Лум против Македонија ЃП

Со по еден гол во двете полувремиња, екипата на Струга ТЛ имаше успешен почеток на новиот шампионат во Првата македонска фудбалска лига. Стружани на свој терен успеаја да го совладаат тимот на Македонија ЃП со 2-0 со головите на Џарџуе на крајот од првиот дел, и на Компаоре во второто полувреме. Натпреварот изобилуваше со малку шанси, двата тима играа дисциплинирано, а стружани успеаја да ги реализираат своите прилики и да дојдат до посакуваните три бода.

Првиот дел мина главно на средината на теренот, и до шанса за гол тешко се доѓаше. Долгите топки беа најсилното оружје за домашните, а од една таква ситуација стигна до предност. Слободен удар од десната страна, по кој центрираше Хамза, топката долго леташе до Маудо Џарџуе, кој со глава од 5-6 метри успеа да го совлада Ефремов, и да донесе предност за стружани.

Претходно во 42. минута од средбата Компаоре по една голема грешка на одбраната успеа да го совлада Ефремов. Меѓутоа по консултација на ВАР судиите, беше поништен поради играње со рака.
Дошев во 59. минута ја имаше првата шанса за Македонија ЃП во продолжението од мечот, Ангелети успеа да одбрани.
Струга ТЛ во 75. минута дојде до посакуваниот втор гол. По една одземена топка на половината на противникот, Шабани додаде до Малески, кој го проигра Компаоре, а овој успеа со прецизен удар да го совлада Ефремов, и да ја зголеми предноста за домашниот тим.

По голот, гостите како да немаа сили да се вратат, додека Струга ТЛ играше онолку колку што треба само да го задржи резултатот, и да се радува на првата победа во новиот шампионат.