Србинот Гавриловиќ е нов селектор на женската одбојкарска репрезентација

Српскиот одбојкарски стратег Милош Гавриловиќ е нов селектор на женскиот сениорски национален тим на Македонија. Актуелниот тренер на романски Динамо Букурешт е новиот избор на Извршниот одбор на Одбојкарската Федерација на Македонија да ги предводи дамите. Договорот е на две години, со можност истиот да биде продолжен.

Гавриловиќ ја превзема функцијата откако ОФМ ја заврши соработката со Стефан Пауновиќ, кој ја водеше репрезентацијата во изминативе четири години.

Селекторот Гавриловиќ ќе го формира новиот стручен штаб, во кој засега е познато дека ќе има нов кондиционен тренер Романецот Рареш Стелиан Стоика со кој соработува и во Динамо Букурешт, додека останатите членови дополнително ќе бидат дефинирани.

На клупата на Македонија, Милош Гавриловиќ официјално ќе дебитира следната година кога репрезентацијата ќе се натпреварува во Европската лига 2026.