Клод Пуел е старо-нов тренер на Ница

Францускиот фудбалски прволигаш Ница официјално објави денеска дека 64-годишниот Клод Пуел се враќа на тренерското место во клубот.
Пуел ја предводеше Ница од 2012 до 2016 година, а се враќа во клубот во обид да ја прекине негативната серија резултати во француската Лига 1. Ница има шест порази на последните шест натпревари, а ги загуби и сите шест натпревари во групната фаза во Лига Европа.
Пуел е поранешен тренер на Монако, Лил, Лион, Саутемптон и Лестер, а негов последен тренерски ангажман беше во Сент Етјен од 2019 до 2021 година.