Ултиматум за Слот во Ливерпул

Раководството на Ливерпул влегува во сè посериозна дилема околу иднината на Арне Слот по новиот неуспех во Премиер лигата и поразот од Борнмут, а атмосферата околу холандскиот тренер е далеку од мирна.
Иако притисокот е голем, Слот засега ќе добие уште една можност да ја стабилизира ситуацијата и да ја насочи сезоната во посакуван правец. Настапите во Лигата на шампионите се факторот што го држи на функцијата, па тој ќе го води тимот и во последниот натпревар од групната фаза против Карабах.
Клучниот тест сепак следува на домашен терен во Премиер лигата. На 31 јануари Ливерпул го пречекува Њукасл на „Енфилд“ во дуел кој би можел да биде пресуден за иднината на Слот. Победа е императив, бидејќи тимот веќе пет кола по ред нема триумф во првенството со четири нерешени средби и еден пораз, а борбата за врвот изгледа речиси недостижна.
Во вакви околности, стравот дека Ливерпул би можел да остане и без пласман во Лигата на шампионите следната сезона станува реален, што дополнително ја зголемува нервозата во клупските канцеларии. Иако досега беше покажано значително трпение, во управата сè почесто се поставува прашањето дали Слот е вистинското решение за клубот.