фудбал

Дембеле одбил астрономска понуда од Ал Наср

Осман Дембеле беше на излезни врати од Барселона пред една година и само чудо го задржа на „Камп Ноу“, но откако фудаблски се рехабилитираше и успеа да наиде на поддршка меѓу фановите на каталонскиот гигант, Французинот сега не гледа причина зошто да си оди и во ситуација кога добива нестварни понуди.

Клубовите од Саудиска Арабија сериозно затропаа на вратите на големи европски ѕвезди и успеаја да привлечат добар дел, но еден од нив не е Дембеле кој одбил мега понуда од Ал Наср.

Клубот за кој настапува Кристијано Роналдо го ангажираше Марсело Брозовиќ, веќе е во напредни преговори со Садио Мане, меѓутоа добил категорично „НЕ“ од крилниот напаѓач.

„Футмеркато“ открива дека Дембеле одбил цело богатство за да остане верен на Барселона, или поточно ја одбил понудата која тежела вкупно 200 милиони евра за четири сезони.

Исто така, Ал Наср бил подготвен да ја плати откупната клаузула вредна 50 милиони евра, но до тоа нема да дојде откако работата уште на старт ја пресекол самиот фудбалер.


Два калчолигаши го сакаат Лапорт од Сити

Јувентус и Интер се силно заинтересирани за дефанзивецот на Манчестер Сити, Емерик Лапорт, пренесува „Скај Италија“.

Шпанскиот репрезентативец го загуби местото во стартниот тим кај Гвардиола, не е задоволен од својот статус и сака да ја промени средината. „Граѓаните“ за неговиот потпис платиија 65 милиони евра, но се спремни да го пуштат ова лето за 20 милиони евра.

Јувентус сака да ја засили одбраната и да донесе наследник на Бонучи, а новиот спортски директор на врвот на листата желби го стави Лапорт.

Интер исто така бара замена за Скриниар и внимателно ја следи ситуацијата со Лапорт.


Алекс Телес му се придружи на Роналдо во Ал Наср

Бразилскиот дефанзивец Алекс Телес се пресели од Манчестер Јунајтед во Саудискиот Ал Наср. Ова го објави официјалниот сајт на англискиот клуб.

„30-годишниот дефанзивец се приклучи на тимот од Саудиска лига по 50 настапи за првиот тим на „црвените“.

Сезоната 2022/2023 ја помина на позајмица во Севиља, освојувајќи ја титулата во Лига Европа, а сега му се придружува на поранешниот соиграч на „црвените“, Кристијано Роналдо во Саудиска Арабија.

Би сакале да му се заблагодариме на Алекс за неговиот придонес во клубот во изминатите три години и да му посакаме се најдобро во иднина“ се вели во информацијата објавена од Манчестер Јунајтед.


Аргентинецот Кастелјанос потпиша за Лацио

Лацио го потврди на интернационалецот од Аргентина, Валентин Тати Кастелјанос кој минатата сезона беше дел од Џирона.

Аргентинскиот напаѓач минатата сезона се прослави откако постигна четири гола против Реал Мадрид на еден натпревар за тимот на Џирона, каде играше како позајмен од Њујорк Сити. Лацио на американскиот клуб му плати 15 милиони евра, а 24-годишниот Кастелјанос потпиша договор до 2028 година.

Валентин Кастелјанос минатата сезона одигра 37 натпревари за Џирона, постигнувајќи 14 голови и една асистенција.


Олимпик Марсеј го засили нападот со Обамејанг

Олимпик Марсеј потпиша договор со напаѓачот на репрезентацијата на Габон Пјер-Емерик Обамејанг, кој доби статус на слободен играч. Договорот е со важност до 2025 година со можност за продолжување на уште една година, соопшти прес-службата на клубот од Марсеј.

Пјер-Емерик Обамејанг ја започна својата професионална кариера во француската лига, каде играше за Дижон, Лил, Монако, а потоа и за Сент Етјен, за кого постигна 41 гол на 97 натпревари. Поточно, тој го освои Лига купот со оваа екипа во 2013 година, а во исто време ја доби и наградата Марк-Вивиен Фо како најдобар африкански играч во францускиот шампионат.

Во 2013 година, напаѓачот потпиша договор со Борусија Дортмунд. За четири и пол сезони поминати во германскиот клуб, Обамејанг постигна 141 гол и даде 36 асистенции. Доби признание за најдобар играч во Бундеслигата во сезоната 2015/2016, најдобар стрелец на првенството во 2016/2017 година и до ден денес останува најдобар странски стрелец во историјата на Борусија Дортмунд. Пјер-Емерик Обамејанг додаде два Суперкупа и Купот на Германија на листата на награди.

Во зимата 2018 година се пресели во Арсенал. За четири години, напаѓачот постигна 92 гола за Топџиите, го освои ФА Купот и ја освои титулата најдобар стрелец во Премиер лигата во сезоната 2018/2019. Обамејанг успеа да го освои шпанското првенство со Барселона во 2022 година, а летото истата година се пресели во Челзи.

Пјер-Емерик Обамејанг е и најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата на Габон со 30 постигнати голови. Тој беше прогласен за африкански играч на годината во 2015 година и постојано е член на африканскиот Ол-стар тим речиси една деценија (2011-2020).


Расмус Хојлунд сега е приоритет на ПСЖ

ПСЖ сериозно се вклучи во трката за младата ѕвезда на Аталанта, Расмус Хојлунд, пренесуваат италијанските медиуми.

19-годишниот Данец одигра одлично во првата сезона во Серија А, па се етаблираше во еден од најголемите таленти во Европа.

Тој е голема желба на Манчестер Јунајтед, кој има договор со напаѓачот, но не може да постигне договор со Аталанта. Таквата ситуација сака да ја искористи ПСЖ, кој е во потрага по квалитетен напаѓач, а сега прво име на списокот е токму Хојлунд.

„Светците“ се спремни да ја платат сумата која ја бара Аталанта и сакаат што побрзо да го комплетираат трансферот.


Блажиковски означи крај на кариерата

Eден од најпознатите полски фудбалери во историјата, Јакуб Блажиковски објави крај на кариерата.

Полскиот 37-годишен крилен напаѓач е втор по бројот на настапи во дресот на полската репрезентација.  Повлекувањето го објави фудбалерот на социјалните мрежи.

„Секој пат има свој крај. Благодарен сум ви за големата поддршка што ја добивав со секој мој чекор. Се што направив во минатото вредеше“, објави помеѓу другото екс-играчот на Борусија Дортмунд.

Блажиковски во јуни го одигра последниот натпревар за германската репрезентација, а кариерата ја завршува во второлигашот Висла Краков каде што играше и од 2004 до 2007 година.

Низ кариерата со Борусија Дортмунд освои две титули во Германија, еден домашен куп и три Суперкупа. Го носеше дресот уште на Волфсбург и Фиорентина, а на 5 август ќе се прости од публиката на стадионот на Висла Краков.


Лацио и Интер заинтересирани за Бонучи

Дефанзивецот на Јувентус, Леонардо Бонучи кој минатата недела беше практично избркан од екипата на Јувентус, најверојатно кариерата ќе ја продолжи во Интер или Лацио.

Како што пишуваат италијанските медиуми, овие два италијански клуба во моментов се најзаинтересирани за 36-годишниот Италијанец.

Маурицио Сари, кој соработуваше со дефанзивецот во Јувентус, сака да го доведе како искусно засилување на одбраната на Лацио, а и Интер има интерес за него, но засега не се знае дали ги отворил преговорите со ветеранот на италијанскиот фудбал.


Осасуна застана во редот за Барди

Според пишувањата на шпанскиот весник „Мундо Депортиво“, тренерот на шпанска Осасуна, Хагоба Арасате лично побарал од раководството на тимот да ја разгледа можноста да го донесат во своите редови македонскиот репрезентативец Енис Барди.

Весникот пишува дека тренерот на Осасуна го насочил својот поглед кон Барди, за кого смета дека брзо ќе се снајде во неговиот тим, затоа што има одлично искуство во Ла Лига по настапот за екипата на Леванте.

Осасума има нов одбор на директори кои не престануваат во напорите да доведат квалитетни засилување ова лето. За Барди во Шпанија интерес има и од Валенсија и од Џирона.


Мане се сели кај Роналдо во Ал-Наср

Садио Мане ова лето готово сигурно ќе го напушти Баерн Минхен, а најверојатно кариерата ќе ја продолжи во Саудиска Арабија.

Баерн го ставил Сенегалецот на трансфер листа и Баварците исто така сакаат да се ослободат од Мане, кој има голема плата. Германските медиуми пренесуваат дека Баерн е спремен да го пушти Мане за „само“ 20 милиони евра, а интерес за него покажуваат клубовите од Саудиска Арабија.

Мане преговара со Ал-Наср и веќе разговарал со Кристиано Роналдо, кој го убедил да му се придружи во клубот.