фудбал

Скамака најнова желба на раководството на Интер

Џанлука Скамака минатото лето се пресели во Вест Хем, но може експресно да се врати во Серија А.

Скамака со настапите во Сасуоло се етаблираше во еден од најголемите таленти на Апенините, но во Премиер лигата се уште не може да се адаптира. Милан и Рома веќе подолго време покажуваат интерес, а сега во трката за неговиот потпис се вклучи и Интер.

„Нероаѕурите“ се во потрага по напаѓач откако пропадна трансферот на Лукаку, а една од најголемите желби е токму Скамака.

Вест Хем за слободата на Италијанецот бара 30 милиони евра, а Интер ќе се обиде преку преговори да ја намали таа сума.


Атлетико Мадрид го враќа Тиаго во Шпанија

Атлетико е во потрага по квалитетно засилување за средниот ред, а најнова мета на „јорганџиите“ е Тиаго Алкантара од Ливерпул.

Во Ливерпул веќе пристигнаа Алексис Мекалистер и Доминик Собослај, а се очекува Клоп да донесе уште еден играч за врска до крајот на преодниот рок.Алкатара минатата сезона пропушти голем дел поради повреда, па го загуби местото во првиот тим,но сепак е многу важен во тимот на „црвените“.

Со оглед на фактот дека Ливерпул нема да игра во Лигата на шампиони самиот Алкантара е спремен да ја промени средината и да започне нова авантура.

Симеоне веќе разговарал со Алкантара, кој е спремен да се врати во Шпанија.


Иниеста пред потпис со Интер Мајами

Поранешниот играч од средниот ред на Барселона и јапонски Висел Кобе, Андрес Иниеста би можел да се пресели во Интер Мајами, објави „Марка“.

Според изданието, 39-годишниот Шпанец има прелиминарен договор со клубот од МЛС лигата.

Претходно, играчи на Интер Мајами станаа Лионел Меси, Серхио Бускетс и Жорди Алба, сите поранешни играчи на Барселона.

ЕСПН најави дека и Луис Суарез бил заинтересиран за преселба во клубот од Флорида, но засега нема договор со неговиот актуелен клуб Гремио.


Клоп го сака Верати на „Енфилд“

Марко Верати размислува да го напушти францускиот шампион ПСЖ ова лето, пренесуваат италијанските медиуми.

Верати е незадоволен од ситуацијата во клубот и смета дека сега е вистински момент за трансфер. ПСЖ исто така е спремен да слушне понуди за 30-годишниот плејмејкер, а најсилен интерес покажува Ливерпул.

Клоп го сака Италијанецот, а „црвените“ се спремни да понудат 40 милиони фунти за неговиот потпис.

Верати има и понуда од Саудиска Арабија, но сака да остане во Европа и спремен да се пресели во Премиер лигата.


Чуквуезе се согласи да потпише за Милан

Милан е во напредни преговори со нигерискиот напаѓач од Виљареал, Самуел Чуквуезе, пренесуваат италијанските медиуми.

23-годишниот крилен напаѓач минатата сезона беше хит во Лигата на шампиони, а и оваа сезона одигра одлично во дресот на Виљареал со 13 гола и 11 асистенции. Чуквуезе сака да направи чекор напред во кариерата и ова лето да ја промени средината, а веќе постигнал договор со Милан.

„Росонерите“ веќе подолго време се во преговори со Виљареал, а според последните информации двете страни се блиску до договор за трансфер тежок 30 милиони евра.


Нејмар откри каде ќе игра следната сезона

Во последниот период се појавија шпекулации за можно заминување на Нејмар од Париз Сен Жермен, но како што стојат работите тој и наредната година ќе игра во редовите на „светците“.

Бразилецот во неговото последно интервју јасно ја кажа својата намера и следната сезона да биде дел од клубот од Париз.

„Сакам да останам во ПСЖ и во следната сезона. Имам договор, никој не ми кажал дека треба да заминам“, истакна Нејмар.

Очигледно на Нејмар не му пречат критиките од навивачите кои сметаат дека не го дава максимумот на теренот. Токму од тие причини Меси го напушти Париз.


Барнс го замени Лестер со Њукасл

Њукасл договори уште едно засилување, нов фудбалер е играчот за врска Хави Барнс, потврид Фабрицио Романо.

Следната сезона, Њукасл ќе игра во Лигата на шампионите, па сакаат да имаат тим кој ќе биде конкурентен и на двете полиња. Барнс после неколку сезони во Лестер сега си заминува, а за него „лисиците“ ќе добијат околу 38-39 милиони фунти.

Личните услови се договорени и се чека само официјална потврда. Вкупно во дресот на Лестер, Барнс постигна 45 голови на 187 натпревари.

Дебито го имаше пред скоро седум години и тоа во Лигата на шампионите, сезоната во која Лестер ја бранеше сензационално освоената титула.


Фудбалер од Јамајка го засили Работнички

Работнички доведе уште едно засилување во пресрет на новата сезона. Тригодишен договор со нашиот клуб потпиша фудбалерот од Јамајка, Кристоџеј Дејли.

Дејли има 20 години и доаѓа од Харбор Вју, еден од најдобрите клубови во Јамајка. Тој дел од минатата сезона мина и во словенечкиот прволигаш Копер.

Кристоџеј Дејли е офанзивен играч за врска кој може да одговори и на потребите на левата крилна позиција.

Работнички ги продолжува подготовките во Словенија и сабота ќе одигра пријателски натпревар со словенечкиот нисколигаш Бриње.


Вардар се засили со Лука Трајкоски од Победа

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар го престави и третото засилување во летниот преоден рок. Дресот на Вардар во следната сезона ќе го носи 23-годишниот крилен играч Лука Трајкоски.

И покрај тоа што има 23 години, Трајкоски веќе има стекнато искуство и настапувајќи за екипите на Победа, Борец и Македонија Ѓорче Петров и досега има преку 100 настапи во првата македонска фудбалска лига.

Вардар моментално е на подготовки во Златибор, каде веќе одигра еден контролен меч против Металец (1:1), а денеска од 18:30 часот ќе игра против Бокељ Котор од Црна Гора.


Македонија остана на 68. место на ФИФА листата

Maкедонската фудбалска репрезентација и натаму е на 68. место на ранглистата на најдобрите светски селекции објавена од Светската фудбалска федерација (ФИФА).

По јунските квалификациски натпревари за Европското првенство Германија, Македонија имаше 1.350 бода, а бидејќи потоа не одигра ниту еден натпревар, остана на истата позиција на која беше пред еден месец. На врвот на рангирањето и натаму е светскиот шампион Аргентина, а потоа следат Франција, Бразил, Англија и Белгија. Хрватска во моментов е шеста, Холандија седма, додека Италија е осма, Португалија е деветта, а Шпанија е на десеттото место.

Најголемиот скок на листата овој месец очекувано направи Мексико, селекција која што неодамна го освои Голд купот, шампионатот на Централна и Северна Америка.

Од противниците на нашата селекција во квалификациите за ЕП, Украина е на 24-то место, додека Малта е на 171-то место.