фудбал

Де Кателаре ставен на трансфер листа во Милан

Чарлс де Кетеларе минатото лето пристигна во Милан како големо засилување, но не ги оправда очекувањата. Милан за неговиот потпис плати 35 милиони евра, а Де Кетеларе важеше за еден од најголемите белгиски таленти. Белгиецот воопшто не се вклопи во Серија А и ја грееше клупата за резерви, па Милан е спремен да го продаде ова лето, а интерес за него покажуваат Астон Вила и Њукасл.

Премиерлигашите испратиле понуди од 25 милиони евра, но Милан за неговата продажба сака да добие 30 милиони евра.

Сепак, преговорите продолжуваат и се очекува во наредните денови клубовите да дојдат до договор и Де Кетеларе да се пресели во Премиер лигата.


Нани се врати во Турција и потпиша за Адана Демирспор

Португалскиот офанзивен фудбалер и некогашен репрезентативец, Нани потпиша договор со турскиот клуб Адана Демирспор, објави официјалниот сајт на клубот.

Договорот со 36-годишниот Португалец е потпишан на една плус една година.

Минатата сезона Нани настапуваше за австралискиот Мелбурн Виктори, каде имаше 10 натпревари и две асистенции. Оваа година тој реши да се врати во Европа и доби понуда од Турција која веднаш ја прифати.


Госенс го менува Интер со Волфсбург

Играчот од средниот ред на Интер, Робин Госенс е блиску до трансфер во бунделсигашот Волфсбург.

Според последните информации, 29-годишниот Германец се договорил за условите од личниот договор со „Волците“. Договорот ќе важи до летото 2027 година. Претходно беше објавено дека Унион Берлин е исто така заинтересиран за Госенс.

Госенс е во Интер од јануари 2022 година. Во сезоната 2022/23 тој постигна 4 гола на 49 натпревари за тимот во сите натпреварувања.


Тотенхем му нуди двојно поголема плата на Кејн

Првиот човек на Тотенхем, Даниел Леви, му понудил на Хари Кејн претседателско место во клубот по завршувањето на неговата кариера во обид да го задржи голгетерот на „Вајт Харт Лејн“.

Договорот на Кејн истекува следната година и тој досега одбиваше да потпише нов. Баерн има голем интерес за играчот, а дел од информациите велат дека Баварците веќе ги договориле личните услови од трансферот со Кејн, но двете нивни понуди досега беа категорично одбиени од Леви.

Шефот на Спарс му понудил и двојно зголемување на платата на својот фудбалер, со тоа што неговата плата од 200.000 фунти неделно ќе скокне на 400.000 фунти, под услов да се согласи за нов договор.


Луис Енрике сака нов голман, Донарума размислува за заминување

Донарума важеше за најголем талент во Европа и пред две години од Милан како слободен агент се пресели во ПСЖ.

Првата сезона ја грееше клупата за резерви, а минатата сезона беше прв голман на „светците“, но одигра просечна сезона и направи многу киксови.

Медиумите пренесуваат дека новиот тренер Луис Енрике нема доверба во Италијанецот и побарал раководството да му донесе нов голман.

Италијанецот не е среќен во Париз и смета дека не напредува во ПСЖ, па и тој сака да направи трансфер ова лето.


Дали виси трансферот на Деклан Рајс?

Се зголемува фрустрацијата во Вест Хем поради доцнењето на комплетирањето на трансферот на Деклан Рајс во Арсенал, тврди утринава Дејли Мејл.

Раководството на Вест Хем се лути бидејќи двата клуба договорија рекордна зделка од 105 милиони фунти што ќе го направи играчот од средниот ред на „чеканите“ најскапиот англиски фудбалер во историјата. Тој веќе ги помина лекарските прегледи, но неговото официјално претставување во дресот на Арсенал доцни, бидејќи адвокатите на тимот на Арсенал се уште ја разгледуваат документацијата и не дале зелено светло за комплетирање на трансферот. Ова секако ги одложува и плановите на Вест Хем да се засили и да искористи значителна сума на пари на пазарот.

Раководството на „чеканите“ идентификуваа неколку играчи како замени во нивниот среден ред, но сакаат да се засилат и во други делови од екипата. Денис Закарија од Јувентус, Џејмс Вард-Проуз од Саутемптон и Скот Мектоминај од Манчестер Јунајтед се споменувани за средниот ред. Арсенал, пак, веќе го ангажираше Каи Хаверц од Челзи, но сега се чека финализирање на трансферот за Рајс и Јуриен Тимбер од Ајакс, со надеж дека тоа ќе биде направено до недела, кога избраниците на Микел Артета ќе заминат на турнеја во САД.


Бонучи е прекуброен во новиот Јуве на Алегри

Во Јувентус повеќе не сметаат на капитенот на тимот, Леонардо Бонучи во новата сезона, пренесуваат италијанските медиуми.

Бонучи минатата сезона имаше многу проблеми со повреди поради што одигра само 1.517 минути во 26 натпревари. Договорот кој го има со Јувентус е со важност до 30-ти јуни 2024 година, а претходно објави дека би можел да ја заврши кариерата на крајот на наредната сезона.

Италијанските медиуми пишуваат дека Бонучи нема да патува со екипата на турнеата во САД. Кариерата италијанскиот дефанзивец ја започна во Витербесе, а потоа играше за Интер, Тревизо, Пиза, Џенова и Бари.

Од 2010-та до 2017-та Бонучи играше за Јувентус, за потоа да помине една сезона во Милан. Во 2018-та се врати во Јувентус и во овие два мандати освои 17-трофеи.


Хандановиќ по единаесет години замина од Интер

Словенечкиот голман Самир Хандановиќ го напушти Интер по 11 години, објави италијанскиот тим на својата официјална веб-страница.

„Лидер на теренот и во соблекувалната, бестрашен капитен. „Самир Хандановиќ беше сето тоа за нас во цели 11 сезони, колку што го чуваше голот на „Нероаѕурите“, објави Интер. На 455 натпревари, тој ја сочува мрежата 166 пати.

Тој се израмни со Иван Ромарио Кордоба на десеттото место на вечната листа на играчи со најмногу настапи за клубот.

Самир го освои Скудетото 2020/21, Купот на Италија двапати и италијанскиот Суперкуп исто така два пати.

Интер наскоро би можел да остане и без Андре Онана, кој сака да се пресели во Манчестер Јунајтед.


Евертон се пофали со потписот на Ешли Јанг

Поранешниот англиски репрезентативец, Ешли Јанг денес беше претставен како нов фудбалер на Евертон.

Јанг така ќе одигра уште една сезона во Премиер лигата, а во редовите на Евертон пристигнува како слободен играч откако му истече договорот со Астон Вила.

Договорот кој го потпиша со Евертон е на една година.


Фулам ја одби понудата на Ал Хилал за Митровиќ

„Скај Спорт“ во текот на вчерашниот ден објави дека српскиот напаѓач Александар Митровиќ е подготвен да се пресели во Саудиска Арабија, но нешто се прашува и Фулам.

Според Би-Би-Си, интересот на Ал Хилал за најдобриот стрелец на српската репрезентација постои, клубот од Саудиската Про лига испратил понуда, меѓутоа таа веднаш била одбиена. Повикувајќи се на свои извори во Фулам, „Би-Би-Си“ објави дека клубот категорично ја одбил понудата од 25 милиони фунти од Ал Хилал за 28-годишниот напаѓач.

„Би-Би-Си“ додава и дека Фулам нема намера да го продаде Митровиќ и дека одбивањето на понудата не е само дел од преговарачката тактика. Митровиќ пристигна во Фулам од Њукасл во 2018 година за 22 милиони фунти, а неговиот договор вреди уште три години.

Од Премиер лигата во Ал Хилал веќе пристигнаа Калиду Кулибали и Рубен Невеш, а пред потпис е сонародникот на Митровиќ, Сергеј Милинковиќ-Савиќ.