фудбал

Матеус загрижен за проектот на Флик кој не се развива

Лотар Матеус изрази загриженост дека националниот тим не се развива под водство на селекторот Ханси Флик.

Флик, кој имаше многу успешен престој на кормилото на Баерн Минхен, го предводеше Бундестимот од минатата есен, преземајќи ја функцијата на која Јоаким Лев помина 15 години.

Лев ја освои светската титула во 2014 година, но по 2016 година настапот на германската репрезентација опадна, а според Матеус, Флик не бележи големо подобрување.

„Игрите што ги прикажуваат нашите репрезентации во моментов не покажуваат никаков напредок. Досега не сум видел ништо што би ме убедило во тоа“, изјави Матеус, кој има рекордни 150 натпревари за германската репрезентација.

Во саботата Германија стигна до реми 1-1 на гостувањето во Унгарија, а според Матеус, Германците треба да му се заблагодарат на голманот Мануел Нојер, кој „повторно не спаси од пораз“.


Мегваер не е повеќе капитен, Тен Хаг ќе му ја даде траката на друг фудбалер

Ерик Тен Хаг ќе се сретне со Хари Мегваер на почетокот на јули, кога ќе се врати за да ги започне подготовките за новата сезона, пренесуваат медиумите на Островот.

Тогаш се очекува Холанѓанецот да го извести дефанзивецот дека му ја одзема капитенската лента и одлуката ќе ја подложи на избор на самите играчи. Се верува дека фаворит за нов капитен на тимот е Давид де Геа.

Мегваер е капитен на Манчестер Јунајтед од јануари 2020 година, само неколку месеци откако пристигна од Лестер.

Минатата сезона, беше многу слаба за Мегваер и претрпе голем број критики. Тен Хаг застана во негова одбрана и истакна дека верува во неговите квалитети, но сепак ќе му ја земе капитенската лента.


ФК Црно Буки ЗЛ е освојувач на Купот на ОФС Битола

Членот на Македонската Трета Лига-Југозапад, фудбалскиот клуб Црно Буки ЗЛ, е овогодишен освојувач на трофејот во Купот организиран од Општинскиот фудбалски сојуз Битола.

Играчите на Црно Буки ЗЛ во финалниот натпревар кој се одигра на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола беа поуспешни од екипата на ФК Кравари. Финалниот дуел во регуларниот дел заврши со резултат 1:1, а поуспешни во изведувањето на пеналите беа играчите на Црно Буки кои славеа со 4:2.

Претседателот на клубот Тодорче Кочишки после натпреварот изрази големо задоволство од освојувањето на победничкиот пехар кој е прв позначаен трофеј во клупските витрини. Тој истакна дека планот на клубот за наредната сезона е пласман во Втората Македонска Фудбалска Лига.

Освојувањето на Куп титулата предизвика огромна радост кај сите навивачи и поддржувачи на клубот од Црнобуки. 

Еден од верните спонзори и поддржувачи на ФК Црно Буки ЗЛ се и спортските обложувалници Евротип кои подолг период ја помагаат работата на клубот. Овој успех е само потврда на големиот труд на раководните лица од клубот и сите членови на стручниот штаб и тимот. 

Евротип од своја страна ќе продолжи со поддршката и помагањето на Црно Буки ЗЛ и во иднина со надеж дека клубот и понатаму ќе постигнува одлични резултати.


Канаваро ја презема полската фудбалска репрезентација

Фабио Канаваро преговара со полскиот фудбалски сојуз за назначување на селектор на националниот тим.

Во моментов селектор на полската репрезентација е Чеслав Михневич, чиј договор е до крајот на оваа година. Во групата 4 од Лигата на нации на УЕФА, Полска е на третото место со четири бода и три бода зад лидерот Холандија. Да потсетиме дека Канаваро нема искуство како тренер во Европа.

Претходно италијанскиот стручњак работеше за Ал-Али, Гуангжу Евергранде, Ал-Наср и Тијанџин Куанџиан. Последната работа на Канаваро беше во кинеската репрезентација, која селекторот ја напушти во 2019 година.


Реал ги сака Џејмс и Габриел Жесус во летниот преоден рок

Реал Мадрид имаше одлична сезона, а сега раководството работи на засилување на тимот.

Во Реал веќе пристигна Антонио Рудигер како слободен агент, а наскоро „кралскиот“ дрес ќе го облече и Орелиен Чуамени, кој доаѓа од Монако за 80 милиони евра.

Медиумите пишуваат дека Реал сака да донесе уште две засилувања ова лето, како и да се ослободи од неколку фудбалери. Реал сака да ги продаде фудбалерите кои немаат иднина во тимот, а тоа се Асенсио, Јовиќ и Себаљос, кои не добиваат премногу шанса кај тренерот Карло Анчелоти.

Приоритет е нов напаѓач, кој ќе биде алтернатива за Бензема, а прво име на списокот е Габриел Жесус од Манчестер Сити. Најтешка мисија ќе биде доведувањето на Рис Џејс од Челзи. Во шпанскиот гигант го гледаат 22-годишниот Џејмс како долгорочно решение за десната бековска позиција и сакаат да го доведат ова лето.


Турскиот Фатих Карагумрук го назначи Пирло за нов тренер

Фатих Карагумрук потврди дека легендарниот фудбалер на Италија и на Јувентус, Андреа Пирло, ќе седне на тренерската клупа.

За 43-годишниот Пирло тоа ќе биде втор ангажман во тренерските води откако една сезона помина во Јувентус (2020/21).  Пирло има одиграно 116 натпревари за Италија и постигнато  13 гола.

Тој е дел од генерацијата што го освои Мундијалот во Германија во 2006 година. Пирло како играч настапуваше за: Бреша, Интер, Реџина, Милан, Јувентус и Њујорк Сити.


Бенфика го потврди заминувањето на Дарвин Нуњез во Ливерпул

Бенфика и официјално ја потврди информацијата дека клубот постигнал договор со Ливерпул и го потврди заминувањето на напаѓачот Дарвин Нуњез.

Како што се наведува во соопштението на Бенфика, трансферот на напаѓачот е вреден 75 милиони евра, а таа сума може да порасне до 100 милиони евра во зависност од настапите на фудбалерот и клаузулите во договорот.

22-годишниот Уругваец, минатата сезона во дресот на Бенфика постигна 34 гола на 41 натпревар во сите натпреварувања.

Се очекува во текот на денот да бидат извршени лекарските прегледи на Нуњез и потоа да следува и неговото официјално претставување како нов фудбалер на Ливерпул.


Милевски: Честитки до фудбалерите за нивното залагање за тимот и државата

Македонската фудбалска репрезентација оствари убедлива победа од 4:0 на домашен терен против селекцијата на Гибралтар. Натпреварот беше одигран во рамките на 4.коло од Лигата на нации.

После завршувањето на средбата, селекторот на Македонија изрази благодарност до фудбалерите за нивната желба да настапуваат за репрезентацијата и да одделат 17 денови од нивниот планиран одмор.

„ Никој не знае што ќе се случи до крајот на овие натпревари во Лигата на нации. Јас сум задоволен од пристапот на момците кој е за секоја пофалба. Без разлика против кого игра овој тим има максимален респект кон секого, но на теренот кон никого. Благодарност до сите кои беа дел од овој период на натпревари бидејќи одвоија 17 дена од одморот кој им следува и беа на располагање на тимот и државата“, потенцира Милевски.


Реал го потврди заминувањето на Марсело по петнаесет години

Реал Мадрид на својата официјална веб-страница го објави заминувањето на бразилскиот дефанзивец Марсело, кој за тимот настапуваше 15 години. Претходно, 34-годишниот фудбалер изјави дека финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2021/22 со Ливерпул (1-0) му било последно во Кралскиот клуб.

Реал Мадрид соопшти дека утре, 13 јуни, ќе се случи официјалниот чин на збогување со Марсело. На настанот ќе присуствува и претседателот на клубот Флорентино Перез. После тоа ќе биде организирана и проштална прес-конференција за Марсело.

Марсело е во Реал Мадрид од 2007 година. За тоа време, тој одигра 545 натпревари за клубот во сите натпреварувања, на кои постигна 38 гола и направи 103 асистенции. Како дел од клубот шест пати го освојуваше првенството на Шпанија, пет пати Суперкупот на Шпанија, два пати шпанскиот Суперкуп и пет пати Лигата на шампионите.


Лапорта им се заблагодари на капитените за намалените плати

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта изјави дека капитените на каталонскиот клуб се сложиле за намалување на платите.

Да потсетиме дека Барселона има четворица капитени: фудбалерите Жерар Пике, Жорди Алба, Серхио Бускетс и Серхи Роберто.

„Капитените се однесуваа посебно добро кон Барселона, согласни за намалување на платата. Ние секогаш ќе им бидеме благодарни. Овој гест беше многу важен и никој освен нив не го направи тоа“, изјави за „Марка“ претседателот Лапорта.

Барселона успеа да освои 73 поени на 38 натпревари и го зазеде второто место на табелата во Ла Лига на крајот од сезоната 2021/22.