фудбал

Гатузо е нов тренер на Валенсија

Италијанецот Џенаро Гатузо и официјално е претставен како нов тренер на Валенсија. Тој со клубот потпиша договор на две години.

Поранешниот фудбалер од средината на теренот, после завршувањето со играчката кариера ги водеше екипите на Сион, Палермо, Крит, Пиза, Милан и Наполи. 

Новиот ангажман во Валенсија на Гатузо ќе му биде прв после скоро една година. 44-годишниот италијански стручњак ќе биди 15. тренер на шпанскиот прволигаш во последните 11 години. Валенсија минатата сезона ја заврши на 9-то место од табелата со освоени 48 бода.


Украинското првенство ќе продолжи во август годинава

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, дозволил од август повторно да се игра фудбал иако неговата земја се наоѓа во воена состојба со Русија.

Затоа првиот човек на украинскиот фудбал, Андриј Павелко, ги информирал УЕФА и ФИФА.

„Јас разговарав со нашиот претседател Зеленски за тоа колку фудбалот е значаен во овие тешки моменти. Разговаравме колку фудбалот има моќ да им помогне на луѓето за да размислуваат за иднината а знаеме под каква психоза се моментно“, рече Павелко.


Дибала ги одби Арсенал и Њукасл, и е блиску до Интер

Интер од Милано го имаше првиот состанок со главната трансфер мета за ова лето, Аргентинецот Пауло Дибала.

Дибала претходно ги одби понудите од Арсенал и Њукасл, со што и самиот даде до знаење дека преферира останување во Серија А, и евентуален трансфер во Интер.

Интер веќе излезе со првична понуда во однос на платата на Дибала која би изнесувала 6 милиони евра по сезона, но менаџерскиот тим на играчот побарува два милиони повеќе. Преговорите продолжуваат и изгледни се шансите Дибала да го облече дресот на нероазурите.


Лаказет се врати во Лион

Францускиот фудбалер Александре Лаказет потпиша тригодишен договор со екипата на Лион. Тој повторно се враќа во својот некогашен клуб после завршувањето на договорот со тимот на Арсенал. 

Лаказет беше член на клубот од Лондон од 2017 година каде пристигна токму од францускиот прволигаш Лион. Од Лион соопштуваат дека враќањето на Лаказет било приоритет за клубот во последните месеци и дека претставува дел од новата стратегија на раководството.


Ливерпул го руши клупскиот рекорд: Плаќа 100 милиони евра за Дарвин Нуњез

Екипата предводена од Јирген Клоп, подготви околу 100 милиони евра за доведување на голгетерот од Бенфика, Дарвин Нуњез.

22-годишниот Уругваец оваа сезона експлодира во дресот на гигантот од Лисабон, со што го привлече вниманието на богатите клубови ширум Европа.

Во игра за негов ангажман се споменуваат Манчестер Јунајтед, Њукасл и Атлетико Мадрид, но според најновите информации низ спортските медиуми, Ливерпул се истакнува како најсериозен кандидат за потписот на Нуњез. 

Клубот од Енфилд веќе ја доставил и официјалната понуда која изнесува околу 100 милиони евра и пет годишен договор. Доколку биде прифатена од Бенфика, тоа ќе претставува клупски рекорд на Ливерпул за фудбалски трансфер.


Милан го договорил доаѓањето на Санчез

Шампионот на Серија А, екипата на Милан, ги договорил личните услови со Португалецот Ренато Санчез за негово пристигнување на „Сан Сиро“.

Според новинарот Фабрицио Романо, во наредните неколку денови е предвиден состанок помеѓу челниците на Милан и Лил, на кој ќе биде дефинирана висината на обештетувањето за играчот.

Информациите велат дека Милан на Лил ќе му исплати околу 20 милиони евра, а Санчез во Милано ќе добива годишна плата од 3 милиони евра.


Србинот Костиќ блиску до трансфер во Јувентус

Српскиот фудбалски репрезентативец и член на Ајнтархт Франкфурт, Филип Костиќ, е блиску до трансфер во тимот на Јувентус, пренесува „Газета дело Спорт“.

29-годишниот Костиќ има договор со германскиот бундеслигаш до 30 јуни 2023 година. 

Ако дојде до реализација на трансферот, тогаш тој во Јуве ќе му се приклучи на својот сонародник и соиграч од репрезентацијата, Душан Влаховиќ.


Пирло седнува на клупата на турскиот Фатих Караѓумрјук

Легендата на италијанскиот фудбал, Андреа Пирло, постигнал договор со турскиот фудбалски прволигаш Фатих Караѓумрјук и деновиве и официјално треба да биде претавен како нов тренер на тимот, јавуваат турските медиуми.

Веста ја потврди и италијанскиот новинар Николо Шира. Турскиот клуб се надева дека договорот наскоро ќе биде потпишан, по што подготвуваат и специјална промоција.

Пирло последен пат го водеше Јувентус во сезоната 2020/2021 година, кога го освои Купот и Суперкупот на Италија и заврши на четвртото место во Серија А. Минатата сезона Фатих Караѓумрјук заврши осми со 57 бодови.


Два лондонски клуба го сакаат Зинченко од Манчестер Сити

Арсенал и Вест Хем покажуваат дека се заинтересирани за дефанзивецот на Манчестер Сити, Александар Зинченко.

25-годишниот Украинец продолжува да има статус на резерва на „Етихад“ и затоа размислува за нов предизвик.

Тој по поразот од Велс во плеј-офот за Мундијалот, сега ќе може да размислува за нов клуб бидејќи има неколку опции.


Иднината на Луис Суарез е во Серија А

Луис Суарез е слободен играч бидејќи му завршува договорот со Атлетико Мадрид. Без оглед што има 35 години Уругваецот сепак има неколку понуди на маса.

Интерес за Суарез има од МЛС тимот Интер Мајами, меѓутоа Уругваецот сака да остане во Европа, најмалку уште една година.

Италијанските медиуми пренесуваат дека големи се шансите Суарез следната сезона да игра во Серија А, бидејќи е во напредни преговори со Фиорентина.

„Виолетовоте“ веруваат дека Уругаваецот може многу да му помогне на тимот и му понудија едногодишен договор со опција за уште една сезона.