фудбал

Реал планира шест заминувања ова лето од Мадрид

Реал Мадрид е подготвен ова лето да фа ги разгледа сите понуди кои ќе пристигнат за шест играчи од сегашниот состав, тврди „Марка“.

Тоа се играчи кои немаат статус на стартери и клубот може да си дозволи да остане без нив. Сите имаат договори со Реал Мадрид, но четворица од нив имаат договори за само една година, што е уште една причина да ги продадат сега за да не си заминат како слободни играчи следното лето.

Станува збор за Дани Себаљос, Марко Алонсо, Лука Јовиќ, Маријано Дијаз, Хесус Ваљехо и Андриј Лунин. Раководството на Реал Мадрид ќе ги пушти на пазарот, но тоа не значи дека ќе бидат подготвено да се раздели од нив по секоја цена. Секој од нив ќе биде продаден само доколку на „Сантијаго Бернабеу“ пристигне доволно добра понуда за да го задоволи клубот.

Најдобра шанса за останување има голманот Лунин, кој може да биде конкуренција на Тибо Куртоа. Сепак, постои можност да биде ангажиран во друга екипа, каде што ќе стекне поголемо искуство и минутажа.


Манчестер Јунајтед е во директни преговори за Френки де Јонг

Спортскиот новинар Фабрицио Романо пренесува дека Манчестер Јунајтед е во директни преговори со Барселона за трансфер на Френки де Јонг.

Каталонците за холандскиот репрезентативец ќе побаруваат сума од 85 милиони евра. Приоритет на Де Јонг е да остане во Барселона, но доколку замине тој сака да се приклучи на клуб кој игра фудбал во Лигата на шампионите. Јунајтед следната сезона ќе игра во Лига Европа, и ќе треба да го убеди фудбалерот да се пресели на Олд Трафорд.

Новиот тренер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, е голем фан на Де Јонг со кого работеше во Ајакс пред фудбалерот да се приклучи на Барселона во 2019 година.


Арсенал и Јуве ги менуваат Габриел за Артур

Јувентус е силно заинтересиран за дефанзивецот на Арсенал, Габриел и е спремен да му понуди трампа на лондонскиот клуб.

24-годишниот бразилски дефанзивец одигра одлична сезона и го привлече вниманието на многу европски гиганти.

„Тутоспорт“ пренесува дека интересот на Јувентус за Габриел е сериозен и „бјанконерите“ се спремни да го вклучат Артур во потенцијалната зделка со Арсенал.

Приоритет на „старата дама“ ова лето ќе биде доведување на врвен дефанзивец бидејќи Кјелини заминува, а најголема желба на Алегри е токму Габриел.


Анхел ди Марија е потенцијална трансфер цел на Барселона

Според информациите од „Мундо Депортиво“, екипата на Барселона размислува за трансфер на Аргентинецот Анхел ди Марија. Договорот на 34-годишниот крилен напаѓач со Париз Сен Жермен истекува на крајот од овој месец и тој ќе биде слободен да избира нова средина.

Барселона би се вклучила во доведување на Ди Марија доколку Усман Дембеле не го продолжи договорот за останување на Камп Ноу.

Челниците на Барселона се надеваа дека ќе го ангажираат Рафиња од Лидс Јунајтед, но во моментот Бразилецот се покажува како прескапа опција.

Јувентус е клубот кој досега покажа најголем интерес за Ди Марија, но за играчот посакувана опција е преселба на Камп Ноу, и би прифатил едногодишен договор.


Претседателот на Баерн Минхен тврди дека Левандовски ќе остане во клубот и наредната сезона

Голгетерот на Баерн, Роберт Левандовски, пред неколку денови на собирот со полската репрезентација, изјави дека неговата ера во клубот е завршена. Сепак челниците на екипата од Минхен имаат поинакво мислење.

Претседателот на Баерн, Херберт Хајнер, во изјава за „Билд“, тврди дека е уверен во останувањето на Левандовски во тимот и наредната сезона.

„Левандовски има договор со нас до јуни 2023 година. А договор си е договор. Не е правилно фудбалерите самоволно да ги раскинуваат постоечките договори. Многу сум изненаден од изјавите на Роберт во јавноста. Да сум на негово место јас тоа не би го направил. Сакаме во нашиот клуб да ги имаме најдобрите играчи на светот, а Левандовски е еден од нив. Чврсто сум убеден дека тој ќе остане со нас и наредната сезона“, потенцира Хајнер.


Њукасл плаќа богатство за Аке од Манчестер Сити

Њукасл би можел сериозно да се засили летово, а според последните информации ово клуб е сериозно заинтересиран за дефанзивецот Аке од Манчестер Сити.

Еди Хау го преземе Њукасл откако Саудијците влегоа во клубот и со фантастичен втор дел од сезоната со засилувањата кои пристигнаа во јануари Њукасл најави одлична наредна сезона. Ќе се работи и во текот на летото кога се очекува да пристигнат енкои нови имиња. „Дејли Мејл“ пренесува дека Њукасл за Аке може да плати 55 милиони евра и дека платата на фудбалерот не е проблем.

Во Манчестер Сити Аке заработува околу 80.000 фунти и таква плата може да очекува и на „Сент Џејмс Парк“. Аке пристигна во Сити пред две години од Борнмаут за 45 милиони евра. За тимот на Гвардиола има само 40 настапи, а „Дејли Мејл“ тврди дека и за самиот Аке Њукасл е интересна опција.


Тен Хаг ќе го врати Ван де Бек во Манчестер Јунајтед

Новиот тренер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хег имал средба со играчот од средниот ред на англискиот клуб Дони ван де Бек.

Холандскиот стручњак го уверил играчот дека смета на него следната сезона. Ова го објави новинарот Фабрицио Романо на својот Твитер профил. Во зимскиот преоден рок минатата сезона, играчот од средниот ред се пресели на позајмица во Евертон. Холанѓанецот не сакаше да се врати во Манчестер Јунајтед доколку не дојде до промени во стручниот штаб.

Минатата сезона Дони ван де Бек имаше 7 настапи за Евертон во англиската Премиер лига и постигна еден гол. 25-годишниот играч од средниот ред има договор со Манчестер Јунајтед до 2025 година. Порталот Трансфермаркт ја проценува пазарната вредност на холандскиот играч на 25 милиони евра.


Наполи се вклучи во трката за потписот на Солер од Валенсија

Шпанска „Марка“ известува дека калчолигашот Наполи се вклучил во трката за доведување на играчот од средниот ред на Валенсија, Карлос Солер.

За 25-годишниот Солер интерес пројавуваат и екипите на Барселона и Атлетико Мадрид, но според информациите, фудбалерот не ја исклучува можноста да заигра надвор од Ла лига.

Минатата сезона Солер за Валенсија постигна 11 гола на 32 натпревари.


Гнабри не е во плановите на Реал Мадрид

Нема интерес од Реал Мадрид за крилниот напаѓач на Баерн Минхен, Серж Гнабри и покрај тоа што неговиот договор со клубот од Минхен истекува следното лето.

Раководството на Реал Мадрид смета дека десното крило од нападот го затвораат Родриго и Марко Асенсио. Бразилецот, кој поради присуството на Винисиус Жуниор не може да игра на левото крило, се преквалификува и се прилагодува на играњето десно. Под овие услови Реал Мадрид не покажа интерес за Гнабри.

Минатата сезона Германецот на 45 натпревари во сите натпреварувања постигна 17 голови и имаше 7 асистенции.


Премиер лигата најреална опција за иднината на Мората

Алваро Мората би можел да се врати во Премиер лигата. Шпанскиот фудбалер кој претходно настапуваше за Челзи е интересен за Њукасл, објави „Калчомеркато“.

Сезоната 2021/2022, 29-годишниот Мората ја мина на позајмица во Јувентус, во која учествуваше на 48 натпревари, на кои постигна 12 гола и даде девет асистенции. Италијанскиот клуб одлучи да не ја искористи опцијата за купување на напаѓачот за 35 милиони евра.

Договорот меѓу Мората и Атлетико истекува на крајот од сезоната 2022/2023. Од јули 2017 до јануари 2019 година, Алваро Мората играше во Премиер лигата за лондонски Челзи.