фудбал

Реал се распрашува и за Адејеми од Борусија Дортмунд

Реал Мадрид сигурно нема да застане со трансферот на Џуд Белингам и сега сака да го засили нападот. Шпанските медиуми откриваат дека „кралевите“ сакаат уште една ѕвезда на Борусија Дортмунд, а станува збор за Карим Адејеми.

21-годишниот германски фудбалер пристигна во Борусија од Салцбург и веднаш почна да го покажува својот квалитет.

„Билд“ пренесува дека Реал е силно заинтересиран за Адејеми и веќе подолго време ги следи неговите настапи.

Борусија нема лесно да се откаже од својот „бисер“ и за неговата слобода бара 80 милиони евра, но сака да го задржи барем уште една година.

Реал ги информирал колегите од Дортмунд дека е заинтересиран и сака да има предност во преговорите при евентуален трансфер на младиот Германец.


Ковачиќ замена за Гундоган во Сити, Челзи ќе добие 40 милиони евра

Играчот од средниот ред на Челзи, Матео Ковачиќ е многу блиску до шампионот на Премиер-лигата, Манчестер Сити.

Според двата клуба, постигнат е начелен договор за трансфер на Хрватот за околу 40 милиони евра. Сите детали за трансакцијата ќе бидат разјаснети во рок од две недели.

Ковачиќ ги договорил личните услови со „граѓаните“ што во голема мера ќе го олесни комплетирањето на трансферот.


Торино спремен да го откупи договорот на Миранчук

Челниците на фудбалскиот состав Торино преговараат за откупување на правата на играчот од средниот ред на Аталанта, Алексеј Миранчук.

Првично, сумата за откуп требаше да биде 9,5 милиони евра, плус уште 1,5 милиони во форма на бонуси. Сепак, Торино не е подготвен да плати повеќе од 7 милиони.

27-годишниот Русин може да остане кај „биковите“ до 30 јуни кога ќе му истече договорот за позајмица. Правата на играчот до летото во 2024 година и припаѓаат на Аталанта.


Мбапе, Лорис и Варан ќе играат за Франција на олимпискиот турнир во Париз

Напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе ќе игра за Франција на престојните Летни Олимписките игри во Париз 2024 година.

Според весникот „Л’Екип“, во францускиот олимписки тим ќе има најмалку тројца играчи од првиот тим, а меѓу нив дефинитивно ќе биде и Мбапе. Забележано е дека францускиот напаѓач сонува за победа и злато од Олимпијадата. За Франција можат да играат и голманот на Тотенхем, Уго Лорис и дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Рафаел Варан.


Салах демантира преговори со ПСЖ

Рами Абас Иса, агентот на напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах, реагираше на гласините дека фудбалерот разговарал со претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи за наводен трансфер во редовите на францускиот првак.

„Не е точно. Немаше никаква средба со Ал-Келаифи“, изјавил Иса.

Претходно беше објавено дека 31-годишниот Салах разговарал со претседателот на ПСЖ во Катар за преселба во клубот.


Јунајтед се огласи: Нема договор со Де Геа, разделбата евидентна

Манчестер Јунајтед денеска потврди дека договорот на Давид Геа е завршен и засега нема договор за продолжување на соработката.

Во краткото соопштение „црвените ѓаволи“ потврдуваат дека нема продолжување на договорот со шпанскиот голман, меѓутоа се истакнува дека и понатаму ќе се водат преговори.

За разлика од Де Геа договорот го продолжиле Том Хитон и Нејтан Бишоп, во нивните договори се активирени клазулите за автоматско продолжување.


Фратези од Сасуоло желба на три италијански гиганти

Ѕвездата на Сасуоло и италијански репрезентативец, Давиде Фратези ќе биде жешка тема летово на Апенините.

Фратези после одличната сезона се етаблираше во еден од најголемите италијански таленти и еден од најдобрите играчи за врска во Серија А. За него сериозен интерес покажуваат Интер, Милан и Јувентус и ќе водат голема битка за неговиот потпис.

Сасуоло за Фратези бара 40 милиони евра и тоа може да биде проблем бидејќи споменатите клубови не се спремни да ја платат таа сума.

Интерес за Фратези покажува и Брајтон, но тој преферира да остане во Серија А.


Адеми се враќа во Европа, преговара за трансфер во Трабзонспор

Енис Барди како што стојат работите ова лето ќе го напушти Трабзонспор, меѓутоа друг наш репрезентативец може да го облече дресот на овој турски клуб.

Изненадувачки, Трабзон сака во своите редови да го доведе Аријан Адеми кој неодамна се пресели во Пекинг Гуан. Адеми се раздели со Динамо и три месеци игра во Кина, а во овој период забележа гол и асистенција на стартот од кинеската лига.

Најголема причина за интересот од Трабзонс е Ненад Бјелица кој е тренер на турскиот клуб. Бјелица одлично го познава македонскиот репрезентативец, двајцата соработуваа еден период во Динамо. Сепак, засега не може да се каже колку е навистина реален ваков трансфер и дали Пекинг ќе го пушти Адеми толку брзо.

Исто така во Трабзон се најавуваше кратење на плати за 30% на целиот беуџет, токму најмногу поради тоа Барди е пред заминување. Останува наредниот период да покаже дали навистина има нешто сериозно или станува збор за шпекулација од турските медиуми, кои и не се ретки во последниот период.


Хакими и Лаутаро желби на Анчелоти за новиот Реал

Карло Анчелоти посочил две идеални засилувања за Реал Мадрид.

„Кралевите“ после доаѓањето на Белингам и Брахим Дијаз ова лето сакаат да донесат напаѓач и десен бек. Прв избор за Анчелоти е ѕвездата на Интер, Лаутаро Мартинез, во кого гледа одлична замена за Бензема. Аргентинецот имаше уште една одлична сезона и Интер не сака да го пушти, но Реал е спремен да понуди 100 милиони евра.

Ашраф Хакими не е среќен во ПСЖ и сака да го напушти клубот ова лето.

Негов сон е да се врати во Реал Мадрид, каде ја започна кариерата, но никогаш не доби вистинска шанса.


Падна договор: Крос останува уште една сезона во Мадрид

Долго време една од главните теми во Реал Мадрид е Тони Крос, поточно неговото повлекување од фудбалот или продолжувањето на играњето за Реал Мадрид.

Неговата одлука се чекаше долго, но може да се каже дека вредеше, барем ако сте навивач на Реал Мадрид, бидејќи Крос останува во тимот.

„Реал Мадрид конечно е подготвен да потврди дека Тони Крос ќе го продолжи договорот на уште една година. Се е потпишано од февруари. Првиот чекор е претставување на Белингем, а потоа потврда за продолжување на соработката со Крос, Начо, како и некои други играчи“, тврди Фабрицио Романо.

Анчелоти често во своите изјави кажуваше дека Крос е еден од неговите најважни играчи кому многу му верува.

Крос во Реал Мадрид е девет сезони, а за овој клуб одигра дури 405 натпревари и постигна 27 гола и додаде 88 асистенции.