фудбал

Реал Мадрид е најбогатиот клуб на светот

Ревизорската компанија KPMG изврши рангирање на капиталот на фудбалските клубови, и според истото првото место на листата убедливо му припадна на Реал Мадрид.

Првакот на Шпанија и финалистот во овогодинешната Лига на шампиони има проценет капитал во износ од 3,184 милијарди евра.

На второто место се најде Манчестер Јунајтед, клуб кој иако во последниве години не го пратат успеси на фудбалскиот терен, сепак има капитал од 2,883 милијарди евра. Третото место на листата е резервирано за Барселона со 2,183 милијарди евра.

Најголем раст на капиталот оствари шампионот на Серија А, Милан. Росонерите го зголемија капиталот на својот бренд за 35%, но некогашнниот европски првак се наоѓа само на 15. место со богатство од 587 милијарди евра.

Во топ 10 клубови се најдоа уште и Баерн, Ливерпул, Манчестер Сити, Челзи , ПСЖ, Тотенхем и Јувентус.


Баерн сака да го доведе Мане и да го задржи Левандовски

Шампионот на Германија, Баерн Минхен, планира да го задржи Роберт Левандовски и воедно да го ангажира фудбалерот на Ливерпул, Садио Мане.

Мисијата на Баварците нема да биде лесна бидејќи Полјакот кој има договор до летото во 2023 година сака да замине во Барселона додека Мане не сака да каже дали ќе остане кај „црвените“ пред да се одигра финалето во Лигата на шампионите.

Баерн деновиве ги официјализираше трансферите на двајца играчи од Ајакс. Тоа се Мазрауи и Гравенбер.


Шик останува во Леверкузен до 2027 година

Чешкиот напаѓач Патрик Шик го продолжи договорот со германскиот бундеслигаш Баер Леверкузен до 2027 година.

Шик е член на тимот од Леверкузен од 2020 година, каде пристигна од Рома за 25 милиони долари. Голгетерот на 67 натпревари постигна вкупно 37 гола, а оваа сезона со 24 погодоци беше втор стрелец на лигата, зад Роберт Левандовски од Баерн Минхен со 35 гола.


Алексис Санчез пред договор со Севиља

Севиља е заинтересирана за потписот на напаѓачот на Интер, Алексис Санчез, чиј договор со италијанскиот тим истекува на крајот од следната сезона, 

Двете страни веќе преговарале за трансфер на 33-годишниот чилеански напаѓач. Санчез е во Интер од 2019 година. На 109 натпревари за тимот, напаѓачот постигна 20 гола и 23 асистенции.

Алексис Санчез претходно играше во шпанската лига за Барселона од 2011 до 2014 година.


Баерн сака да го украде Гави од Барселона

Баерн Минхен го следи напредокот на преговорите за продолжување на договорот помеѓу Барселона и Гави.

Германскиот клуб е подготвен да ја искористи оваа ситуација и да ја активира откупната клаузула од 50 милиони евра за 17-годишниот фудбалер, објави „Мундо Депортиво“. Според изворот, Ливерпул и ПСЖ се исто така подготвени да потпишат со Гави, кој има уште една година од договорот со Барселона.

Гави минатата сезона дебитираше за првиот тим на Барселона, а на теренот беше на 46 натпревари (2 гола, 6 асистенции). Гави доби повик и во репрезентацијата на Шпанија, за која успеа да одигра шест натпревари.


Салах сигурно останува на Енфилд и наредната сезона

Мохамед Салах даде изјава во која вели дека сосема е сигурно дека тој ќе биде во Ливерпул и наредната сезона, и дека тоа нема да зависи од фактот дали тој ќе потпише нов договор со клубот.

Актуелниот договор на Египјанецот истекува во јули 2023 година, и играчот очигледно има намера да го одработи до крај. Салах пред новинарите повторно не даде конкретен одговор околу евентуалниот нов договор:

„Не сакам да разговарам за тоа во моментов. Само сакам да го видам нашиот капитен Хендерсон како го подигнува трофејот во ЛШ. Не размислувам за својот договор сега бидејќи не сакам да бидам себичен и сакам да се фокусирам на финалето со Реал Мадрид“, изјави Салах.


Хари Кејн преговара за нов договор со Тотенхем

Најголемата ѕвезда на Тотенхем, напаѓачот Хари Кејн наскоро започнува преговори со претседателот на клубот Даниел Леви, околу потпишување на нов договор.

Иако капитенот на екипата минатото лето изрази голема желба за трансфер во Манчестер Сити, до таква реализација не дојде најповеќе поради Леви кој не отстапи од барањето на високото обештетување од 120 милиони евра.

Неодамна тимот на Сити се засили со доведување на Ерлинг Халанд и го реши прашањето околу нов напаѓач, а Кејн и Тотенхем имаа одлична сезона па се пласираа во Лигата на шампиони.


Фрејзер Фостер пред потпис со Тотенхем

Тренерот на фудбалерите на Тотенхем, Антонио Конте, веројатно ќе успее да дојде до потписот на голманот на Саутемптон, Фрејзер Фостер, кој и во текот на зимата се потенцираше како можно засилување за „Спарси“.

Англискиот тим сака по секоја цена да обезбеди резервна опција за Уго Лорис кој останува како прв избор за гол-линијата.

Сегашниот резервен чувар на мрежата на англискиот состав, Пјерлујџи Голини, кој играше како позајмен од Аталанта, веројатно ќе се врати во Италија.


Лапорта: Фудбалерите на ПСЖ се робови на парите

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта е незадоволен од трансфер политиката на Пари Сен Жермен. Клубот веќе им ги украде на Шпанците Нејмар и Лионел Меси, а деновиве му зададе удар на Реал Мадрид во случајот со Килијан Мбапе.

„Фудбалерите кои отидоа таму со долгорочни договори се согласуваат да станат робови. За пари“, изјави претседателот на Барса.

„Нејмар е таков – има договор за уште 4-5 години – додаде Лапорта. „Кој не го сака овде? Тој е исклучителен, но сите овие играчи како него, кои еден ден би сакале да се вратат во Барса, мора да го сторат тоа како слободни играчи“.

„Истото важи и за Меси. Сите сакавме тој да ја заврши спортската кариера кај нас. Но, тоа беше невозможно поради правилата на финансискиот фер-плеј и поради понудата на ПСЖ до него. Зад овој клуб стои цела земја (Катар) и таму имаат многу пари“, додаде Лапорта.


Њукасл го носи Пакета од Лион

Откако Њукасл доби нови сопственици на чело со саудијскиот принц Мохамед бин Салман, клубот потроши 100 милиони евра и успеа да ја оствари целта на изминатата сезона и после очајниот старт обезбеди опстанок во Премиер лигата.

Клубот во јануари направи одличен потег со ангажманот на Бруно Гимараеш од Лион, па сега црно-белите сакаат да доведат уште еден фудбалер од истиот клуб. 

Англиските медиуми пренесуваат дека тимот ќе биде засилен со Бразилецот Лукас Пакета. За реализација на овој трансфер од Њукасл се подготвени да издвојат 59 милиони евра.