фудбал

Чаумени пред потпис во Реал Мадрид за 80 милиони евра?

Реал Мадрид постигнал договор со францускиот репрезентативец, Орелиан Чаумени, пренесуваат шпанските медиуми.

Чуамени минатата сезона се наметна во тимот на Монако, а оваа сезона игра одлично и веќе е стандарден во француската репрезентација.

Откако ја загубија битката за Мбапе, „кралевите“ сега ќе се насочат кон друг Французин и сакаат што побрзо да го договорат трансферот. За Чуамени интерес покажуваат Ливерпул и Челзи, но Реал ја победил конкуренцијата и веќе постигнал договор со Французинот.


Брајтенрајтер го напушти Цирих и го презеде Хофенхајм

Андре Брајтенрајтер го напушти Цирих само неколку дена по освојувањето на титулата во швајцарската прва лига и се врати во Бундеслигата за да ја преземе функцијата тренер на Хофенхајм.

Тренерот се согласил на двегодишен договор и ќе го замени Себастијан Хонес, кој доби отказ пред неколку дена. 46-годишниот Брајтенрајтер двапати ги однесе до Бундеслигата екипите на Падерборн и Хановер, а го предводеше и Шалке 04. Тој го презеде Цирих во 2019 година и имаше уште една година до крајот на договорот.

„Андре Брајтенрајтер е многу амбициозен тренер кој со своите офанзивни идеи одлично се вклопува во Хофенхајм“, изјави спортскиот директор Александар Росен за клупската веб-страница.


Се разделија Марселино и Атлетик Билбао

Марселино Гарсија Торал ја објави својата одлука да го заврши престојот на кормилото на шпанскиот прволигаш Атлетик Билбао. Тој и онака го завршува договорот со баскијците на 30 јуни, па како што најави на прес-конференција, нема намера да ја продолжи соработката.

Марселино беше на чело на Атлетик од јануари 2021 година и му помогна на тимот да го освои Суперкупот на Шпанија.


Дејан Станковиќ останува тренер на Црвена Звезда до 2025 година

Фудбалскиот шампион на Србија, Црвена Звезда, го продолжи договорот со тренерот Дејан Станковиќ до 2025 година. 

Иако имаше доста информации дека 43-годишниот Станковиќ, на крајот од сезоната ќе го напушти клубот од Белград и ќе прифати понуда за тренерска работа во Италија, тој сепак се одлучи да остане на клупата на „црвено-белите“ и во наредните три години.

Откако ја освои шампионската титула за оваа сезона, Станковиќ ќе има шанса за двојна круна, бидејќи следува финалето во Купот на Србија, каде Звезда за противник го има вечниот ривал Партизан.


Елнени го продолжи договорот со Арсенал

Играчот од средниот ред на Арсенал, Мохамед Елнени, го продолжи договорот за уште една сезона.

29-годишниот фудбалер пристигна во Северен Лондон во 2016-та од тимот на Базел.  За шест сезони одигра 147 натпревари со ефект од пет голови и 10 асистенции.

„Го сакам клубот и го чувствувам како дел од семејството. Сакам да продолжам да играм и многу сум возбуден за иднината“, – изјави Елнени за клупската веб-страница.


Депај не сака да замине од Барселона

Еден од играчите на Барселона кој треба да биде на продажба – Мемфис Депај покажа дека не планира да го менува клубот. Медиумите се убедени дека со добра понуда холандскиот напаѓач би можел да биде продаден, бидејќи од една страна на Каталонците им требаат средства, од друга не успеа да блесне минатата сезона.

Денес, сепак, Депај на својот Твитер профил го напиша следново:

„Мојата прва сезона не беше онаква каква што замислував. Мора да продолжиме да работиме и да станеме посилни за да ги постигнеме нашите цели во следната сезона, Само Барса“.

Овој фудбалер ја заврши сезоната со 13 гола и две асистенции во 38 натпревари во дресот на Барселона во сите натпреварувања.


Пулишиќ добива нов договор на „Стемфорд бриџ“

Фудбалерот на Челзи, Кристијан Пулишиќ, во наредните недели ќе се сретне со менаџерот на лондончани, Томас Тухел.

23-годишниот игрча забележа 22 настапи во Премиер лигата во кои постигна 6 гола и 2 асистенции. Тренерот, на крајот на сезоната го пофали Американецот.

„Кристијан Пулишиќ беше во иста ситуација како Каи Хаверц. Тие заслужуваат да бидат наградени бидејќи работат напорно и тоа се гледа на теренот“, изјави германскиот тренер.


Клоп е менаџер на сезоната во Премиер лигата

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, е избран за менаџер на годината во Премиерлигата за сезоната 2021/2022, објави официјалниот сајт на лигата.

Германскиот стратег по вторпат во кариерата ја освои оваа награда. Клоп за првпат беше прогласен за менаџер на сезоната во 2020 година.

Ливерпул ја заврши Премиерлигата на втората позиција со 92 бода. Во исто време, „црвените“ ги освоија двата национални купа – англискиот Лига куп и ФА Купот.


Виера ќе остане неказнет по инцидентот на „Гудисон парк“

Полицијата нема да покрене обвинение против менаџерот на Кристал Палас, Патрик Виеира за инцидентот на Гудисон Парк по натпреварот со Евертон.

Приврзаниците на „карамелите“ бурно ја изразија својата радост по крајот на мечот. Тогаш  камерите уловија како еден од навивачите му приоѓа на Французинот и прави непристоен гест кон неговото лице.

Виеира тогаш го фати за рака а потоа го удри со нога а навивачот падна на земја.


„Франс фудбал“ ќе ја додели „Златната топка“ на 17 октомври

Церемонијата на доделување на Златната топка за 2022 година ќе се одржи на 17 октомври, објавија од „Франс Фудбал“. Номинираните за наградата ќе бидат објавени на 12 август.

Да потсетиме дека последната церемонија за доделување на Златната топка се одржа во Париз (Франција) на 29 ноември минатата година. Добитник на наградата на крајот на 2021 година беше аргентинскиот напаѓач на Пари Сен Жермен Лионел Меси.

Напаѓачот доби 613 поени, 33 пред напаѓачот на Баерн Роберт Левандовски. За Лионел Меси оваа „Златна топка“ беше седма во кариерата.