фудбал

Виера ќе остане неказнет по инцидентот на „Гудисон парк“

Полицијата нема да покрене обвинение против менаџерот на Кристал Палас, Патрик Виеира за инцидентот на Гудисон Парк по натпреварот со Евертон.

Приврзаниците на „карамелите“ бурно ја изразија својата радост по крајот на мечот. Тогаш  камерите уловија како еден од навивачите му приоѓа на Французинот и прави непристоен гест кон неговото лице.

Виеира тогаш го фати за рака а потоа го удри со нога а навивачот падна на земја.


„Франс фудбал“ ќе ја додели „Златната топка“ на 17 октомври

Церемонијата на доделување на Златната топка за 2022 година ќе се одржи на 17 октомври, објавија од „Франс Фудбал“. Номинираните за наградата ќе бидат објавени на 12 август.

Да потсетиме дека последната церемонија за доделување на Златната топка се одржа во Париз (Франција) на 29 ноември минатата година. Добитник на наградата на крајот на 2021 година беше аргентинскиот напаѓач на Пари Сен Жермен Лионел Меси.

Напаѓачот доби 613 поени, 33 пред напаѓачот на Баерн Роберт Левандовски. За Лионел Меси оваа „Златна топка“ беше седма во кариерата.


Јирген Клоп е тренер на сезоната во Премиер лигата

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп ја доби наградата за најдобар тренер во Премиер лигата која ја доделува самата лига, а воедно Клоп го доби и трофејот Сер Алекс Фергусон за најдобар тренер според Здружението на тренери во Премиер лигата.

Германецот оваа година го одведе Ливерпул до титулите во Лига купот и ФА купот. Титулата во Премиер лигата на тимот од Енфилд му „избега“ во последното коло, а преостанува уште борбата за трофејот во Лигата на шампионите во финалето против Реал Мадрид


Нико Ковач и официјално е нов тренер на Волфсбург

Бившиот селектор на хрватската репрезентација, и доскорешниот тренер на Монако Нико Ковач официјално е назначен за тренер на Волфсбург.

50-годишниот тренер, потпиша договор со кој ќе остане во клубот до 2025 година.

„Јас сум дете на Бундеслигата. Многу сум возбуден и мотивиран за мојата нова работа на клупата на Волфсбург“, изјави Ковач.

Нико како фудбалер настапуваше за Херта, Бајер Леверкузен, Хамбургер и Баерн Минхен, а како тренер ги водеше екипите на Ајнтрахт од Франкфурт и минхенски Баерн.


Дибала: Уште не сум одлучил каде ќе играм следната сезона

Пауло Дибала се уште не го избрал својот следен тим. Ова го изјави по хуманитарниот натпревар во Милано, организиран од Самуел Ето. Аргентинецот ќе стане слободен играч на 30 јуни кога му истекува договорот со Јувентус, а интерес за него имаат Интер, Рома, Тотенхем, Пари Сен Жермен, Арсенал и Манчестер Јунајтед.

„Среќен сум што сум тука и можев да разменам неколку зборови со Ето. Беше одличен фудбалер и не можев да ја пропуштам шансата да разговарам. Повеќе сакам да коментирам за настанот, а не за мојата иднина. Јас сум мирен. Утре ќе и се приклучам на репрезентацијата пред мечот со Италија, па ќе одам на одмор“, изјави Дибала, кој беше забележан како разговара со потпретседателот на Интер, Хавиер Занети.

„Се уште ништо не сум одлучил. Ќе се обидам да го изберам најдоброто за себе“, продолжи Дибала.


Деклан Рајс ќе остане во Вест Хем и наредната сезона

Играчот на Вест Хем, Деклан Рајс, одлучи да остане уште една сезона во својот сегашен клуб, иако огромен интерес за него покажуваат Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и Челзи.

Иако 23-годишниот играч од средниот ред досега одбиваше да потпише нов договор со Вест Хем сепак според англиските медиуми тој одлучил да остане во Вест Хем уште една година и потоа да замине во некој поголем клуб.

Една од причините за тоа што Рајс не сака големи промени оваа година, е Светското првенство во Катар. Тој очекува да биде важен дел од тимот на селекторот Саутгејт.


Хенес: Барса ќе банкротираше ако играше во Бундеслигата

Почесниот претседател на Баерн Минхен, Ули Хенес не може да поверува како Барселона сака да го купи Роберт Левандовски кога тоне во долгови.

Хенес тврди дека со такви долгови Барселона одамна ќе банкротирала ако била во Германија.

„Барселона сака да го привлече Левандовски во ситуација кога има долгови од 1,3 милијарди евра. Ако беа во Германија ќе банкротираа одамна. Каматите само им се натрупуваат, тонат во долгови, а испраќаат понуда за Левандовски“, изјави Хенес.

Хенес потоа додаде дека Левандовски има договор со Баерн на уште една година и клубот нема да дозволи тој да замине и нема да прифати никаква понуда.


Реал Мадрид во обид за трансфер на Стерлинг

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, изрази големо разочарување од неуспехот со доведувањето на Мбапе, но клубот од „Сантијаго Бернабеу“ продолжува со потрагата по нови засилувања.

Според информациите од Англија, „кралскиот клуб“, тргнал по ангажман на Рахим Стерлинг од Манчестер Сити и за него се спремни да издвојат 50 милиони евра.

Англискиот репрезентативец влегува во последната година од договорот со Сити, и нема очигледни назнаки дека клубот ќе му предложи нов договор. Ова лето ќе биде последна шанса за клубот да добие заработка од Стерлинг, пред тој да стане слободен играч.


Дембеле ќе си замине од Барселона

Шпанскиот весник „Мундо Депортиво“ повикувајќи се на на свои извори, пренесува дека постојат големи шанси Усман Дембеле да ја напушти Барселона на крајот од летово.

Информациите велат дека менаџерот на 24-годишниот Французин оваа недела ќе направи уште една средба со челниците на Барселона околу евентуален нов договор, но по се изгледа каталонците нема да ги прифатат високите финансиски барања на играчот.

Наводно, Дембеле имал богата понуда од ПСЖ, и во него гледаат вистинска замена за Анхел Ди Марија кој го напушти клубот од Париз.


Де Јонг се сели од Барса во ПСЖ?

ПСЖ сериозно се вклучи во трката за играчот од средниот ред на Барселона, Френки де Јонг, пренесуваат шпанските медиуми.

Барселона е во финансиски проблеми, па е спремна да го продаде 24-годишниот плејмејкер ова лето доколку пристигне понуда од 75 милиони евра.

Како фаворит за неговиот потпис важеше Манчестер Јунајтед, бидејќи Де Јонг е најголема желба на Тен Хаг.

Холанѓанецот одлично го познава Де Јонг бидејќи заедно работеа во Ајакс и плејмејкерот својата фудбалска афирмација ја доживеа токму под негово раководство.

Меѓутоа, сега ПСЖ се вклучи во трката и сака да го „укаре“ играчот пред носот на Јунајтед бидејќи „светците“ се спремни да понудат 75 милиони евра во кеш.