фудбал

Чави: Ако сакаме трофеи, треба многу работи да промениме

Тренерот на Барселона, Чави Хрнандез, синоќа ги сумираше резултатите од мечот со Виљареал во Примера кој неговиот тим го загуби со 2-0, како и од целокупниот настап во сезоната во шпанската лига.

„Игравме добро во првото полувреме, имавме шанси и моравме да постигнеме гол. Но, дозволивме две индивидуални грешки. После тоа, моравме да ги сведеме грешките на минимум. Не ја завршивме сезоната на најдобар начин. Таа ни остави тежок товар, но сега можеме да се опуштиме и да бидеме концентрирани. Направивме големи морални напори. Можеме да бидеме задоволни, но не и среќни. Но, генерално, резултатите не можат да се сметаат за негативни. Во ноември бевме на дното, но на крајот ја завршивме сезоната втори. Фудбалот заврши, работата почнува во канцеларијата. Треба многу да се смени за да бидеме поконкурентни и да се бориме за трофеи“, рече Чави.


Скопје и Тиквеш остануваат фудбалски прволигаши

Екипите на Тиквеш и Скопје, и во следната сезона ќе бидат дел од Првата македонска фудбалска лига.

Двата тима беа поуспешни и славеа во бараж натпреварите за место во Првата лига. Кавадарчани со убедливи 4:1 славеа над Воска Спорт од Охрид , додека тимот на Скопје ја совлада Беласица со 2:1.


Тројца дебитанти во списокот на селекторот Милевски

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски го објави списокот со фудбалери за јунските натпревари во новото издание на Лигата на нации.

Селекторот Милевски се одлучи за 28 фудбалери, меѓу кои се и тројца дебитанти: Бојан Димоски од Академија Пандев, Енис Фазлагиќ од Висла Краков и Томче Гроздановски кој настапува за Злате Моравце.

На списокот ги нема Адеми и Јаховиќ, кои поради напорната сезона и честите повреди, се поштедени од настапи за селекцијата.


Прославата на Манчестер Сити проследена со инцидент: Нападнат голманот на Астон Вила

Екипата на Манчестер Сити е старо-новиот шампион во англиската Премиер лига. Тимот на Гвардиола успеа да направи пресврт и славеше со 3:2 над Астон Вила на стадионот „Етихад“ во Манчестер.

Веднаш по последниот свиреж на судијата, стотици фанови влетаа на теренот, и неколку навивачи на домашниот тим го нападнеле голманот на Астон Вила, Робин Олсен.

По повод немилиот настан, Манчестер Сити излезе со официјално соопштение преку кое му се извини на голманот Робин Олсен, како и на клубот од Бирмингем, потенцирајќи дека случајот ќе биди целосно истражен и дека неодговорните навивачи ќе бидат казнети.


Салах и Сон се најефикасните играчи во Премиер лигата

Напаѓачите на Ливерпул и Тотенхем, Мохамед Салах односно Хјонг Мин Сон, се најефикасните фудбалери во Премиер лигата за сезоната 2021/2022 година. 

Двајцата фудбалери постигнаа по 23 гола на 38 премиерлигашки натпревари. Сон беше двоен стрелец во последниот натпревар и победата над Норвич, со која екипата обезбеди пласман во Лигата на шампионите. Салах успеа да постигне еден гол во триумфот на Ливерпул над Вулверхемптон, но победата не беше доволна за освојување на шампионската титула во Англија.


Рафаел Леао е МВП на сезоната во Серија А

Напаѓачот на Милан, Рафаел Леао е прогласен за најкорисен играч во штотуку завршената сезона во италијанската Серија А.

При одредувањето на победникот не беа земени предвид само статистичките податоци, туку и играта без топка, придонесот во тимските акции, како и техничките показатели.

На 34 натпревари 22-годишниот Португалец постигна 11 голови и 8 асистенции.

Неговиот Милан кој синоќа го прослави првото скудето по пауза од 11 години, стана најмладиот шампион во Серија А во ерата во која победите на натпреварите се бодуваат со 3 бода. Просечната возраст на тимот предводен од најдобриот тренер сезонава во Италија, Пиоли е 26 години и 97 дена.


Ибрахимовиќ: Скудетото му го посветувам на Раиола

Екипата на Милан е новиот шампион во Серија А, а голгетерот на екипата, Златан Ибрахимовиќ, освоената титула ја посвети на својот починат менаџер, Мино Раиола.

Фудбалерот од Шведска открива дека токму Раиола бил најзаслужен за тоа што после неговото враќање од Америка, тој потпишал за тимот на Милан.

„Скудетото му го посветувам на Мино Раиола. Ова ми е прв трофеј што го освојувам без него. Мино е најзаслужниот што играм за Милан. Бев многу блиску до Наполи, но по сугестија на Мино, се вратив и потпишав за клубот во кој припаѓам“.

Ибрахимовиќ сеуште не даде одговор за тоа дали продолжува со играчката кариера и во наредната сезона, но вели дека одлуката ќе ја објави наскоро.


Абрахам влезе во историјата на Рома со својата перфектна прва сезона

Тами Абрахам стана Англичанецот со најмногу голови во една сезона во историјата на Серија „А“. Во последниот натпревар на Рома за сезоната во италијанскиот шампионат – против Торино, англиската „деветка“ на „волците“ постигна два гола за победа против „биковите“ од 3-0.

Така Абрахам ја заврши својата прва сезона во Серија „А“ со 17 гола – еден повеќе од Гери Хиченс, кој постави рекорд од 16 гола со дресот на Интер во сезоната 1961/62. На сите турнири Абрахам има 26 гола на 51 натпревар.

По победата над Торино, која на „џалоросите“ им обезбеди пласман во Лига Европа следната сезона, „детето“ на Челси изјави дека се заљубил во клубот уште од првиот ден и се надева дека тој и неговите соиграчи ќе имаат причина да слават по финалето на Лигата на Конференциите во среда, кога Рома ќе се соочи со Феенорд.


Мбапе сака Нејмар да се продаде ова лето

Килијан Мбапе вчера потпиша нов договор со ПСЖ и така стана најплатен фудбалер во светот.

Мбапе се согласи да остане во ПСЖ до 2025 година, а покрај богатството што ќе го добие, тој ќе има централна улога во клубот и ќе може да одлучува за трансфери и избор на тренер.

Како што пренесува еминентниот новинар Серхио Сантос, Мбапе веќе ги дал првите инструкции. Имено, тој побарал ПСЖ да го продаде Нејмар и на негово место да го донесе Осман Дембеле.

Дембеле е голем пријател со Мбапе, а неговиот договор со Барселона истекува на лето и тој е слободен агент.

„Светците“ ќе му ја исполнат желбата и наскоро ќе започнат преговори со Дембеле, но  не е познато дали ќе се согласат за продажба на Нејмар.


Тоти лобира за Дибала да дојде во Рома

Легендата на Рома, Франческо Тоти си поставил амбициозна задача да го убеди Пауло Дибала да потпише со „волчицата“.

„Во понеделник ќе имам состанок со Пауло. Ние двајца ќе играме заедно на хуманитарен натпревар во Милано, организиран од Самуел Ето. Ќе разговараме и ќе се обидам да го убедам да дојде во Рома. Ќе видиме дали ќе успеам“, изјави Тоти.

Дибала веќе се збогува со навивачите на Јувентус по мечот со Лацио (2-2).

Аргентинскиот репрезентативец по завршувањето на сезоната ќе стане слободен играч, а кандидати за неговиот потпис не недостасуваат.

Се верува дека Интер има најголеми шанси да го привлече 28-годишниот напаѓач. За него се заинтересирани и Тотенхем и Атлетико Мадрид.