фудбал

Марез од Сити следна желба на Флорентино Перез

Килијан Мбапе го остави во шок Реал Мадрид, откако реши да остане во ПСЖ и потпиша нов тригодишен договор.

Реал имаше вербален договор со Французинот и беше убеден дека ќе го доведе на „Сантиаго Бернабеу“, но сега остана со празни раце и мора да бара алтернатива.

Шпанските медиуми откриваат дека „кралевите“ сега ќе се насочат кон ѕвездата на Манчестер Сити, Ријад Марез.

Марез игра одлична сезона, но влезе во последната година од договорот и сака да ја промени средината.


Трабзонспор со интерес за доведување на Алиоски

Шампионот во турската лига, екипата на Трабзонспор, го обнови интересот за доведување на македонскиот репрезентативец, Езџан Алиоски.

Турскиот клуб го посакуваше  Алиоски во своите редови и минатото лето, но 30-годишниот фудбалер тогаш се одлучи како слободен играч да замине во Ал Ахли од Саудијска Арабија.

Тимот од Трабзон после 38 годишна пауза, сезонава стана првак на Турција.


Бернд Лено на радарот на Бенфика

Бенфика го следи голманот на Арсенал, Бернд Лено како голема трансфер цел ова лето. Според некои португалски изданија, лондонскиот клуб е подготвен да го продаде германскиот голман пред тој да стане слободен агент во 2023 година.

30-годишниот Лено не сака да се пресели во Њукасл и има намера да се врати во Германија.


Навас не сака да си замине од ПСЖ

Голманот на ПСЖ, Кејлор Навас зборуваше за својата иднина во клубот одговарајќи на најавите дека сака да си замине.

„Имам уште две години од мојот договор со ПСЖ и секако планирам да останам“, изјави Навас.

Во сезоната 2021/22, Навас запиша 26 натпревари за ПСЖ во сите натпреварувања. Неговиот договор со францускиот клуб е до 30 јуни 2024 година.


Лион се вклучи во трката за Енис Барди

Енис Барди како што стојат работите ова лето ќе ја промени средината, а последен клуб со кој се поврзува Барди е француски Лион.

Интерес за Барди има од повеќе клубови, а сега во игра влегува и Лион. Барди според информациите е една од желбите на на тренерот Питер Бош за новата сезона. Лион имаше лоша сезона во француското првенство и Барди би бил одлично освежување во средниот ред, сезоната овој клуб ја заврши на осмата позиција и тоа што нема да игра во европските натпреварувања е големо разочарување.

Ќе потсетиме, Барди после поразот на Леванте од Реал Мадрид на социјалните мрежи објави порака во која порача дека ќе се обидат сите заедно веднаш да го вратат Леванте во шпанската елита, но во медиумите се погласно се најавува негово заминување.


Реал потврди: Иско по девет години заминува од Мадрид

Вчера стана јасно дека играчот од средниот ред Иско го напушта Реал Мадрид по завршувањето на сезоната. Договорот на 30-годишниот офанзивен играч за врска со Реал Мадрид истекува на 30 јуни и нема да биде обновен, а разделбата од фудбалерот ја потврди и тренерот Карло Анчелоти.

Во ммоментов останува отворено прашање каде Иско ќе ја продолжи кариерата. Овој играч дојде во реал Мадрид летото 2013 година по трансферот од Малага. Во своите девет години на „Сантијаго Бернабеу“, успеа да освои 18 трофеи – 4 титули во Лигата на шампионите, три титули во Ла Лига, 1 Куп на кралот, 3 шпански Суперкупа, 3 европски Суперкупа и 4 европски купови.

На крајот на месецот може да додаде уште еден – петти трофеј во Лигата на шампионите, доколку во финалето во Париз на 28 мај Реал Мадрид го победи Ливерпул. Тоа за Иско ќе биде 19-ти трофеј како играч на Реал Мадрид.


Нигериецот Осимен е најдобар млад фудбалер во Серија А

Виктор Осимен е избран за најдобар млад играч во Серија А.

На едно коло пред крајот Серија А објави кои се наградени за сезоната што се ближи кон крајот. И покрај тоа што Душан Влаховиќ постигна 24 гола, наградата за најдобар млад играч оди кај соиграчот на Елиф Елмас. Осимен сезонава беше главен играч на Наполи со постигнати 14 гола. Според најавите во наредната сезона би можел да направи трансфер во Англија.

Во Наполи пристигна летото 2020 година, кога Италијанците за неговите услуги на Лил му платија над 75 милиони евра. Нигерискиот напаѓач успеа брзо да се адаптира и стана најважниот играч во нападот на тимот.


Де Брујне втора сезона по ред е МВП на Премиер лигата

Кевин де Брујне кој е на чекор да ја освои тутулата во Англија со неговиот Манчестер Сити, е прогласен за најдобар фудбалер во Премиер лигата.

Белгиецот во сезонава која завршува утре, постигна 15 голови и направи седум асистенции. Креаторот на играта на „граѓаните“ по втор пат ја добива наградата откако на првото признание му се израдува во 2020 година.

Во изборот учествуваа навивачите преку веб-порталот на Премиер лигата, потоа капитените на сите 20 клубови, како и поголем дел од фудбалските експерти.


Фоден втора година по ред најдобар млад фудбалер во Премиер лигата

Офанзивниот играч на Манчестер Сити, Фил Фоден, втора година по ред ја освојува наградата за најдобар млад играч во англиската Премиер лига.

21-годишниот играч за врска има значаен придонес во одличната сезона на Манчестер Сити во Премиер лигата, со тоа што „граѓаните“ се многу блиску до одбрана на минатогодишната титула. Во последното коло од шампионатот во недела, Сити е домаќин на Астон Вила и доколку победи ќе го освои првото место.

Фоден постигна 9 голови и 5 асистенции на 27 натпревари во Премиер лигата оваа сезона. Во сите натпреварувања, младиот фудбалер на Манчестер Сити има 14 гола и 11 асистенции на 44 натпревари.

Фоден победи седум други играчи до 23 години – Трент Александар-Арнолд, Конор Галагер, Тајрик Мичел, Мејсон Маунт, Арон Рамсдејл, Деклан Рајс и Букајо Сака.


ПСЖ ја потврди разделбата со Ди Марија

Францускиот шампион Париз Сен Жермен официјално го потврди заминувањето на Анхел Ди Марија.

Ди Марија му се приклучи на ПСЖ во 2015 година и успеа да постигне 91 гол на 294 натпревари за клубот во сите натпреварувања.

Аргентинецот во последните неколку недели силно се поврзува со трансфер во Јувентус.