Нејмар на едно колено: болка, спасение и последен поход кон Мундијалот

Frontview of Neymar celebrating for Santos

Кога на Сантос му требаше чудо, Нејмар се појави, со една здрава нога и огромна волја. Иако лекарите му препорачаа да ја прекине сезоната поради проблем со менискусот, тој се врати токму во најкритичниот момент на бразилската лига. Неговите настапи веднаш ја сменија атмосферата: 5 голови и асистенција во последните четири натпревари, што го извлече клубот од зоната за испаѓање.

Секој негов допир носеше чувство на играч решен да не дозволи својот детски клуб да пропадне. Но веднаш откако ја заврши мисијата, телото го натера да погледне напред, кон неизбежната операција.

Следниот чекор на Нејмар е хируршка сала и календар полн со притисок. Ќе го оперира менискусот, проблем кој одамна го следи, за да го зачува сонот за уште еден Мундијал со Бразил во 2026 година. Тоа е трка со времето за играч кој веќе преживеа и искинати лигаменти и серија тешки повреди што би скршиле многу кариери.

Но неговиот краток, блескав финиш со Сантос покажа дека, ако биде внимателно менаџиран, може повторно да биде клучна фигура во селекцијата. Начинот на кој ги решаваше натпреварите во самиот крај на сезоната сигурно не остана незабележан. За Нејмар формулата сега е јасна: исклучување од светот, операција, тивка реконструкција, и појава на Мундијалот свеж, подготвен да го претвори својот сон во реалност.

Зад насмевките и прославите се крие сезона во која Нејмар призна дека бил на раб. По слабото издание против Фламенго и бран критики што го следеа, тој првпат вистински побара психлошка помош, опишувајќи како „емотивно паднал на нула“ и како веќе немал сила сам да се подигне. Претходно терапијата ја користел како средство за самонапредок, оваа година, вели, му била неопходна за да продолжи да функционира.

За играч долго претставуван како недопирлив на критики, признанието дека не можел повеќе е силен удар по митот за „недопирливи“ ѕвезди. А неговиот одговор, враќање во Сантос, прифаќање на притисокот од борбата за опстанок и извлекување на клубот додека игра преку болка, внесува доза човечка длабочина: момчето што ја напушти Вила Белмиро како идол се врати ранливо, но непокорно, и овој пат го спаси клубот кој некогаш го спаси него.