Трилер со осум голови: Рекордот на Јунајтед преживеа бура од Борнмут

Манчестер Јунајтед и Борнмут приредија вистинска премиерлигашка класика на Олд Трафорд, одигрувајќи возбудливо реми од 4-4 синоќа. Осум различни стрелци, драматични пресврти и тензија до последниот свиреж го одбележаа натпреварот кој ја зачува импресивната домашна серија на „Црвените Ѓаволи“.
Јунајтед силно го отвори натпреварот и поведе во 13. минута, кога Амад Дијало со глава погоди по центаршутот на Диого Далот, откако голманот Џорџе Петрович претходно го одбрани шутот на Матеус Куња. Борнмут израмни во 40. минута преку Антоан Семенјо, кој казни лошо додавање на Лук Шоу, но домаќините сепак заминаа на пауза со предност. Касемиро погоди со глава по корнерот на Бруно Фернандеш во судиското надополнување.
Контроверзен момент донесе воздушниот дуел меѓу Семенјо и Далот, по кој гостинскиот напаѓач накратко го фати противникот за врат. Иако имаше барања за црвен картон, судијата Сајмон Купер покажа жолти картони на двајцата, одлука што многу фанови мислат дека беше неисправна
Борнмут фуриозно влезе во вториот дел. Само 38 секунди по почетокот, Еванилсон реализираше по асистенција на Маркус Таверниер, а во 52. минута токму Таверниер погоди од слободен удар, изненадувајќи го голманот Сене Ламенс.
Јунајтед одговори во финишот. Бруно Фернандеш со мајсторски слободен удар во 77. минута израмни, а само две минути подоцна Куња ја искористи мешаницата по центаршутот на Бенјамин Шешко за 4-3. Сепак, драмата не заврши тука. Резервата, Ели Жуниор Крупи во 84. минута донесе ново израмнување за Борнмут по продорот на Алекс Хименес.
Во судиското надополнување, Ламенс со две одлични интервенции против Дејвид Брукс го сочува бодот за Јунајтед.
Иако уште еднаш не успеа да ја задржи предноста, Манчестер Јунајтед ја продолжи неверојатната серија на Олд Трафорд во Премиер Лигата: 388 натпревари без пораз кога водел на полувреме (355 победи и 33 нерешени). Ова беше 34-ти ваков реми во таа низа.
Екипата на Рубен Аморим покажа офанзивен квалитет со девет удари во рамките на голот, но честите дефанзивни пропусти останаа причина за загриженост. Борнмут, и покрај седум натпревари без победа, се искачи на 13. место, а четирите погодоци беа доказ за борбеноста на тимот на Андони Ираола.