Иниеста со солзи во очите си замина од Јапонија

Aндрес Иниеста заминува од Висел Кобе, но кариерата не ја завршува и веројатно ќе продолжи во МЛС лигата или во некој од клубовите на Блискиот Исток.

Легендарниот шпански фудбалер во солзи на прес-конференцијата за медиумите објави дека по пет години заминува од јапонскиот клуб и потенцираше дека не ја завршува кариерата.

„Сите очекувавме дека од тука ќе заминам во пензија, тоа беше и моја, но и желба на клубот. Сепак, заминувам поради недостаток на минутажа, тренерот има некои други приоритети. Тоа го почитувам и го прифаќам“, изјави 39-годишниот Иниеста кој сезонава одигра само три натпревари во лигата и две во купот.

Поранешниот играч на Барселона вкупно за јапонскиот клуб одигра 133 натпревари и постигна 26 голови, додавајќи 25 асистенции. Во Кобе заработуваше 25 милиони евра по сезона и според најавите клубови од МЛС и Блискиот Исток се заинтересирани да го доведат.

Иниеста во минатото со Барселона и репрезентацијата на Шпанија освои се што можеше да се освои во фудбалот и беше клучен играч. Во финалето на Светското првенство во 2010 година во Јужна Африка го постигна одлучувачкиот гол за победа.