Повлечен од продажба дресот со број 44 на германската репрезентација

Германската компанија „Адидас“ минатиот месец ги претстави новите дресови во кои германската репрезентација ќе настапи на Европското првенство.

Социјалните мрежи многу брзо се фокусираа на еден детаљ по објавувањето на фотографиите. Најгласните коментари беа за дресот со број 44.

Корисниците на социјалните мрежи забележаа дека дизајнот на бројот 44 на дресот наликува на симболот „СС“, по кој беше познат Шуцштафел – главната паравоена организација под команда на Нацистичката партија и Адолф Хитлер.

По многу дискусии и многу приговори за компанијата Адидас, веќе не може да се нарача германски дрес со бројот 44 во онлајн продавницата на Адидас.

Сите испораки на веќе купени дресови со тој број беа прекинати, а беше најавено и дека ниту еден фудбалер на германската репрезентација нема да го има бројот 44 на грбот.