Австралија ќе му ја укине тригодишната забрана на Новак Ѓоковиќ

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ кој го загуби случајот пред Федералниот суд на Австралија и беше депортиран од таа земја, пристигна во Дубаи.

Според австралискиот закон, Ѓоковиќ нема да може да добие виза за влез во земјата во следните три години, но премиерот Скот Морисон тврди дека казната може да биде скратена под „соодветни околности“.

„Казната е за период од три години, но постои можност тој да се врати под одредени околности, а таквото барање ќе биде разгледано кога ќе дојде време“, изјави Морисон за австралиското радио 2GB.

Според австралискиот закон, укинувањето на тригодишната забрана за виза е можно доколку „постојат убедливи причини или оние кои предизвикуваат сочувство. Ваквиот развој на настаните ќе му овозможи на Ѓоковиќ следната година да настапи на Австралија опен. Ѓоковиќ пристигна во Дубаи во понеделникот наутро по локално време, а на аеродромот беше фотографиран со маска на лицето, како носи две торби. Засега не е познато која е неговата крајна дестинација.