Австрија го назначи Ралф Рангник за нов селектор

Ралф Рангник е назначен за селектор на австриската репрезентација, објави официјалниот сајт на Австрискиот фудбалски сојуз.

Рангник ќе ја преземе својата нова позиција на крајот на мај 2022 година. Договорот на Ралф со австриската репрезентација е на две години, но доколку тимот ги мине квалификациите за ЕП 2024, тогаш соработката автоматски ќе биде продолжена за уште две години.

„Многу сме задоволни што успеавме да го доведеме Ралф Рангник, извонреден стручњак во областа на меѓународниот фудбал, за селектор на австриската репрезентација. Сите сме убедени дека тој е идеалниот кандидат и дека неговата визија за фудбалот ќе придонесе за развојот на репрезентацијата“, изјавија Герхард Милетих, претседател на Фудбалскиот сојуз на Австрија.

Ќе потсетиме, сега Ралф Рангник го предводи Манчестер Јунајтед привремено. 63-годишниот германски стручњак го презеде англискиот тим на 3 декември 2021 година. На крајот од сезоната ќе заземе една од позициите во структурата на Манчестер Јунајтед. Претходно беше објавено дека германскиот стручњак ќе може да комбинира две работни места, бидејќи Рангник ќе треба да ги извршува обврските во Манчестер Јунајтед само шест дена месечно.