Агире по третпат селектор на мексиканската репрезентација
Легендарниот фудбалски стратег Хавиер Агире по третпат седнува на клупата на мексиканската фудбалска репрезентација. Мексиканската фудбалска федерација официјално го објави назначувањето на 65-годишниот стратег за нов предводник на националниот тим.
Тој го замени Хаиме Лозано кој го раскина договорот по лошиот настап на тимот на Копа Америка.
Агире претходно двапати беше на клупата на мексиканската репрезентација. Тој го водеше тимот на Светските првенства во 2002 и 2010 година (двата пати Мексиканците стигнаа до 1/8 финалето).
Во неговиот штаб сега е и поранешниот капитен на репрезентацијата Рафаел Маркез, кој го раскина договорот со Барселона, каде го водеше вториот тим и дојде во репрезентацијата. Се очекува Агире да го води тимот до крајот на Светското првенство во 2026 година, по што Маркез ќе стане селектор.