Агуеро е пред потпис со Барселона

Серхио Агуеро е блиску до потпис со Барселона, пишува каталонскиот весник Мундо Депортиво. Веќе подолго време се шпекулира дека 33-годишниот напаѓач и голем пријател на Меси од наредната сезона ќе стане нов фудбалер на Барселона, а Мундо Депортиво наведува дека интересот е двостран.
Договорот на Агуеро истекува на крајот од оваа сезона, па во Каталонија би дошол како слободен играч. Роналд Куман оваа сезона во својот тим немаше вистински напаѓач освен Мартин Брејтвајт, па во шпицот на нападот најчесто играа Гризман и Меси, додека понекогаш им се придружуваше и Дембеле.
Иако Агуеро оваа сезона одигра само 11 натпревари во првенството поради проблеми со повредите, во Барселона веруваат дека и понатаму ќе биде успешен стрелец. Неговото доаѓање исто така би можело да го увери Меси да го продолжи договорот.