Адеми го напушти Динамо и потпиша за унгарски Ујпешт

Аријан Адеми ја затвори својата долга етапа во Динамо Загреб. Македонскиот репрезентативец и доскорешен капитен на „модрите“ постигна договор за спогодбено раскинување на договорот што важеше до летото 2025 година, а кариерата ќе ја продолжи во унгарскиот прволигаш Ујпешт.
Клучна улога во неговиот избор одигра тренерот Дамир Крзнар, поранешниот стратег на Динамо, кој сега го води тимот од Будимпешта. Иако се шпекулираше за неколку опции од регионот и Блискиот Исток, Адеми реши фудбалската приказна да ја заокружи во соседството.
Адеми стигна во Динамо во 2010 година од Шибеник, а по кратка позајмица во Локомотива, брзо се етаблираше како важна алка во средниот ред. Со својата борбеност и посветеност ја доби капитенската лента, а остана запаметен и по тешките моменти во 2015 кога доби четиригодишна суспензија поради позитивен допинг тест на мечот со Арсенал. Подоцна успеа да ја намали казната на две години, докажувајќи дека супстанцата не била земена намерно.
Во 2023 имаше кратка епизода во Пекинг Гуоан, но по неколку месеци повторно се врати во Динамо, кој му даде шанса да ја заокружи кариерата таму каде што стана легенда. Во последната сезона имаше скромна минутажа и често беше цел на критики од навивачите.
За „модрите“ одигра вкупно 420 натпревари, постигна 27 гола и запиша 24 асистенции. Со клубот освои 12 шампионски титули, 6 Купа и 4 Суперкупа.