Ако не го продаде – Барса ќе мора да го „замрзне“ Кутињо

Еден од најскапите фудбалери во историјата би можел да ја пропушти целата или скоро целата претстојна сезона, доколку Барселона не пронајде начин да се ослободи од него.

Филипе Кутињо во 2018. година од Ливерпул пристигна во Барселона за дури 135 милиони евра, а во трансферот беа вклучени и бонуси кои би можеле да ја зголемат таа цифра.

Шпански „Ас“ пресмета дека, доколку Кутињо одигра уште 10 натпревари, Барселона ќе мора да плати уште 20 милиони евра на Ливерпул.

Кутињо во првата сезона и пол одигра 76 натпревари за Барселона во сите натпреварувања, втората ја помина на позајмица во Баерн, а во третата настапи само 14 пати, пред да го повреди коленото. Тој има 90 настапи за каталонскиот клуб, а по 100 се активира клаузулата за бонус.

Барселона е во процес на кратење на трошоците поради насобраните долгови и последно што и е потребно е да исплати уште 20 милиони за играч на кого не смета. Затоа, многу е веројатно доколку не го продаде, да го „замрзне“ во новата сезона, односно да го искористи на максимално девет натпревари.