Алегри се сретнал со Реал, „кралевите“ како опција го имаат и Раул

Италијанскиот стручњак Масимилијано Алегри се сретна со управата на Реал Мадрид минатата недела и сака да го преземе местото тренер во мадридскиот клуб, пишува новинарот Фабрицио Романо. Зидан скоро сигурно го напушта клубот на крајот од сезонава, а се чека само уште официјалната потврда. Романо наведува дека Алегри е во контакт со Реал веќе неколку месеци, го сакаат и некои италијански клубови, пред сите веројатно Јувентус, но за Алегри приоритет е заминувањето во Мадрид. Сепак, се уште не е сигурно дека во Мадрид ќе се одлучат за него. Се разгледуваат и други опции, а една од нив е и клупската легенда Раул, кој во моментот го води вториот тим. За Раул тоа би бил прв тренерски ангажман, додека Алегри е слободен од летото 2019. година кога го напушти Јувентус после освоената петта титула по ред.