Алексовски поразен во финалето на турнир во Нови Сад

Младиот македонски тенисер Марко Алексовски продолжува со успешните настапи оваа календарска година. Изминатава недела Алексовски како втор носител играше во финалето на турнирот во Нови Сад од категорија 2 со што ја оправда и фаворитската улога.

Во првите три меча македонскиот тенисер постигна три победи од 2:0 во сетови. Во првото коло го победи Петар Травица од Србија препуштајќи само два гема (6:1 и 6:1), во следното коло го совлада Џејмс Бартон од Австралија со загубени четири гема (6:2 и 6:2, а нешто повеќе гемови одигра во третата рунда против Германецот Јон Бунткер (7:5 и 6:2).

Во четвртфиналето со пресврт стигна до победата над Романецот Стефан Сабо – 2:1 (3.6; 6:3 и 10:5 на поени), а во полуфиналето по голема борба исто така со пресврт го совлада Лука Костиќ од Србија со 2:1 (3.6; 6:1 и 6:2).

Серијата тешки мечеви остави трага и во финалето Алексовски беше поразен од првиот носител Павле Стојиљковиќ од Србија со 2:0 во сетови (6:2 и 6:2).

На турнирот настапија уште двајца македонски тенисери Дарјан Пановски и Алексеј Стојановски, кои беа елиминирани во второто коло, додека кај девојчињата настапи Стефанија Вељковиќ.