Алиоски: Имаме квалитет и се гледа дека научивме нешто од поразите!

Фудбалската репрезентација на Македонија претрпе минимален пораз од 2-1 на гостувањето кај Шкотска на „Хемпден парк“ во рамките на 5. коло од групата 1 во Б-дивизијата од Лигата на нации.

Иако „црвено-жолтите“ по повеќе од една година пауза конечно успеаја да постигнат погодок, пенал досуден по интервенција на ВАР-собата им ги донесе трите бода на домаќините.

Џани Алиоски иако не тренираше максимално неделава, одигра достоинствен натпревар во Глазгов. Искусниот репрезентативец одигра уште еден борбено и енергично на својата препознатлива позиција покрај левата аут-линија.

„Ова беше попозитивен натпревар од оној што го игравме дома. Се гледа дека научивме од натпреварите кои ги имавме зад нас и се гледа дека може да направиме многу. Ако сакаме да играме фудбал, имаме квалитет. Имаше многу агресивни дуели, доста трка и бевме супер на теренот. Успеавме да дадеме и гол, создадовме шанси. За ВАР-снимката не би можел да коментирам, треба да ја видам. Жално ми е што го загубивме мечот. Имавме шанси да се вратиме во мечот, но таков е фудбалот.

Позитивното нешто е што покажавме дека не се откажуваме. Овој меч мора да ни биде мотив за понатаму, дека сме спремни и за игра и за дуел. Бевме добри против Швајцарија едно полувреме, сега со Шкотска бевме исто така добри. Кога почнавме да играме фудбал, видовме дека се врати Македонија.

Во последниот меч не смееме да се плашиме, да го одиграме нашиот фудбал и да ги освоиме трите бода дома“, рече левиот бек.