Алкалоид го надигра Прилеп по меч со седумдесет голови

Лидерот Алкалоид ја запиша тринаесеттата првенствена победа во Суперлигата и ќе го одбрани првото место на табелата и по актуелното претпоследно коло во 2024 година.

Алкалоид вечерва гостуваше кај екипата на Прилеп и запиша убедлива победа од десет гола разлика, на ефикасен натпревар на кој беа постигнати вкупно седумдесет погодоци (30-40).

Фаворитската улога беше доделена на Алкалоид пред натпреварот, а Кирил Лазаров и неговите избрани ракометари целосно ја оправдаа и го контролираа натпреварот уште од почетокот.

Александар Петковски, одигра уште еден одличен натпревар и постигна девет гола, следен од Игор Ѓоргиев кој постигна пет.

Во следното, последно коло во 2024 година, Алкалоид на домашен терен го пречекува тимот на ГРК Тиквеш од Кавадарци. Тој меч ќе се игра на 18 декември во Автокоманда со почеток од 17:00 часот.