Алкалоид победнички го почна Ервопскиот Куп во шах
Македонскиот првак во шах, скопски Алкалоид успешно стартуваше на Европскиот шаховски клупски Куп, кој се игра во Врњачка Бања, совладувајќи ја екипата Васа СК од Шведска со 5,5-0,5 поени.
Велемајсторот Еригаиси Ајрун, кој со 2.797 рејтинг поени во моментов е трет играч на светската листа, на првата табла за екипата на Алкалоид, со црни фигури ја започна серијата и победи во мечот. Во многу остра, динамична борба го надигра велемајсторот Том Ведберг.
Веднаш по него, повеќекратниот шампион на Македонија, Филип Панчевски, на шестата табла, со сигурна игра уште во рана фаза на партијата го „отвори противничкиот крал“ и по само 21 потег при големи материјални загуби противникот ја предаде партијата. Следеа сигурни, рутински победи и на Веи Ји и Нарануан С.Л. на втората, односно четвртата табла. Со победата на Ју Јангји, кинескиот велемајстор кој веќе петти пат ги брани боите на Алкалоид на Евро-куповите, во топовска завршница на тртетата табла, фармацевтите поведоа со 5-0. Последен својата партија ја заврши српскиот Велемајстор Велимир Ивиќ, и покрај долга борба, во далечна завршница, не успеа да го скрши отпорот на противникот, за конечен резултат
5,5:-0,5.
Следен противник на шахистите на Алкалоид е екипата од Словачка, Черо Инвест Нита, која на стартната листа е 23-та најдобро рангирана екипа.
На овогодинешното издание на највисокото клупско натпреварување во светот, учествуваат рекорден број – 84 екипи во машка конкуренција, а ШК Алкалоид на стартната листа, според просечен рејтинг на играчите 2730, е второрангирана екипа. Конкуренцијата е многу силна, и дури пет екипи се рамноправни фаворити за првите места. Во првото коло не се случија поголеми изненадувања, при што сите фаворити остварија високи победи.
Истовремено се игра и Европски клупски Куп во женска конкуренција, на кој играат осумнаесет екипи.