Алкараз: Не се подготвив добро за дуелот со Новак

Карлос Алкараз уште еднаш прокоментира што се случи во полуфиналето од Ролан Гарос и проблемите кои ги имаше против Ѓоковиќ.

Момчето од Мурсија на почетокот од третиот сет од дуелот со Новак Ѓоковиќ, почувствува грчеви во целото тело, не сакаше да го предаде мечот, па со болки и грчеви играше до самиот крај.

Сето тоа влијаеше на неговата игра во третиот и четврти сет, па на крајот мораше само да го следи Ѓоковиќ во неговата игра и не успеа да пружи некој поголем отпор.

„Не се подготвив добро за овој меч, за она што ме очекуваше. Премногу бев под стрес, под притисок. По два сета, кои беа доста тешки за мене, ако на тоа се додаде и напнатоста на која бев изложен, се случи тоа што се случи..“, порача Алкараз.

Алкараз пристигна во Лондон, каде евентуално би се борел за титула во Квинс и повторно би станал прв светски рекет на АТП листата.