Американките доминантно до светската титула

Американската женска кошаркарска репрезентација го освои златниот медал на Светското првенство, откако вечерва во финалето во Берлин ја совлада Франција со 97-79.
За американските кошаркарки ова е рекордна 12 светска титула, а петта во серија на мундијалските турнири.
Иако го освоија златото со високи +18 поени разлика, американската репрезентација не дојде до победата толку лесно.
Франција во еден момент имаше двоцифрена предност од 31-17, а на полувреме замина со водство од 45-43.
Сепак, во второто полувреме, американскиот тим покажа многу поквалитетна игра и целосно го надигра противникот. САД го најави резултатскиот пресврт во третата четвртина која ја реши во своја корист со 30-12, а во завршните десет минути од финалето разликата достигна и највисоки + 27 поени (86-59).
Стјуарт со 22 и Јанг со 18 поени беа најефикасни американски кошаркарки, додека во француските редови најефикасна беше Малонга со 21 поени.
Шпанија го освои бронзениот медал, откако претходно вечерва го победи домаќинот Германија со 81-58 (25-15, 15-21, 21-15, 20-7) во натпреварот за третото место.
Шпанките сега имаат еден сребрен и три бронзени медали во историјата на светските првенства, додека Германија сè уште е без медал.