Ангеловски: Никому не е одземено правото за настап во националниот тим
Македонија следниот четврток во Букурешт против Романија ќе го започне новиот циклус квалификации за пасман на Светското првенство во Катар 2022.
Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски реши да не направи драстични промени во однос на повиканите играчи, па на списокот се најдоа 26 фудбалери.
„Списокот е составен од играчи кои беа дел од репрезентацијата веќе подолг период. Може да се забележи дека 99% од повиканите играчи се оние истите кои претходно го понесоа товарот, играа во Лигата на нации и квалификациите за ЕП и успеаја да ѝ го донесат историскиот успех на Македонија со пласманот на Европското првенство за прв пат во својата историја во сениорска конкуренција, нешто на кое чекавме од нашата независност. Како човек и како селектор, никогаш не би му го одземал правото на некој да биде дел од националниот тим, а тоа да го заслужува и со односот кон репрезентативниот дрес и со постигнатите резултати преку повеќегодишна макотрпна работа.“ – изјави Ангеловски. Македонија на 25. март ќе игра со Романија во Букурешт, на 28. март во Скопје ја дочекува селекцијата на Лихтејнштајн, а на 31. март ќе гостува во Дуизбург во Германија.