Англичанецот Гордон е МВП на У21 Европското првенство

Фудбалерите на Англија по трет пат во историјата станаа европски шампиони до 21 година, победувајќи ја Шпанија со 1:0 во финалето одиграно во Батуми, Грузија. Голот вреден трофеј го постигна играчот од средниот ред на Ливерпул, Кертис Џонс, во четвртата минута од судиското надополнување во првото полувреме.

Но, херој на победата беше англискиот голман Џејмс Трафорд, кој во деветтата минута од судиското надополнување на крајот од натпреварот одбрани пенал на шпанскиот капитен Абел Руиз, а потоа и обид на Аимар Ороз, кој беше прво на отфрлена топка.

За најдобар играч на турнирот е прогласен 22-годишниот крилен напаѓач на Њукасл, Ентони Гордон. Тој асистираше за гол против Чешка во групата, постигна гол против Германија во второто коло, а во четвртфиналето постигна гол против Португалија. На почетокот на оваа година Њукасл го донесе од Евертон за 45 милиони евра.