Англичаните апсат за расизам врз фудбалските репрезентативци

Во Англија се уапсени пет лица поради расистички навреди на англиските репрезентативци после финалето на Европското првенство, кое „Гордиот Албион“ претрпе пораз на пенали од Италија.

Букајо Сака, Маркус Рашфорд и Џејдон Санчо, кои не беа прецизни во пенал серијата се најдоа на мета од расистички навреди на социјалните мрежи. Стотици луѓе отишле предалеку и покрај пораки на социјалните мрежи на фудбалерите им се јавувале на телефон, упатувајќи им закани.

„Ако утврдиме дека зад сево ова стои злосторство ќе мора лицата да се соочат со сериозни последици“, рече началникот Марк Робертс, кој најави дополнителна истрага за целиот случај.

Зад тројцата фудбалери застана целата англиска јавност, која покажа решителност за ставање точка на навредите на расна основа.