Англија го сруши мексиканскиот сон и закажа четвртфинале со Норвешка

Селекцијата на Англија е нов патник во четвртфиналето на Светското првенство, откако во вистинска драма со 3-2 успеа да го елиминира тимот на Мексико. Англичаните поминаа низ трње, играјќи речиси цел втор дел со десетмина на теренот, но на крајот се изборија за место меѓу осумте најдобри.
Публиката проследи исклучително возбудлив осминафинален натпревар, кој воедно значеше и крај на мундијалските соништа за уште една репрезентација која е организатор на овој шампионат.
Англија дојде во водство во 36. минута. Букајо Сака испрати прецизен центаршут, а Џуд Белингем со одличен удар со глава ја смести топката во мрежата за 1-0.
Само 99 секунди подоцна, Мексиканците доживеаја нов шок. По брзо одземена топка, Белингем комбинираше со Хари Кејн и со својот втор погодок на мечот експресно зголеми на 2-0.
Пред заминувањето на одмор, Мексико се избори за резултатски приклучок, благодарение на погодокот на Кинонес кој намали на 1-2.
Почетокот на вториот дел донесе големи проблеми за Англија, бидејќи Кванса заработи директно исклучување во 54. минута поради невнимателен старт. Со оглед на огромното судиско продолжение, Англичаните мораа да го бранат водството со играч помалку повеќе од 45 минути.
Сепак, Гордиот Албион покажа заби и во 60. минута поведе со 3-1, откако Хари Кејн рутински го реализираше досудениот пенал.
Возбудувањата тука не запреа, па неколку минути подоцна Кејн направи невнимателен прекршок во својот шеснаесетник, по што Раул Хименез погоди од белата точка за Мексико и намали на 2-3.
Во финишот од средбата Мексиканците тргнаа во тотална офанзива по израмнување, но англискиот бедем издржа за големо славје и пласман во четвртфиналето.
Следен противник на Англија ќе биде репрезентацијата на Норвешка, која претходно шокантно го елиминираше Бразил.